Во Чаир се исекоа дрвјата и уништи паркот за да се гради џамија со огромни димензии

Вчера се исекоа последните повеќегодишни дрвја во паркот во Топанско поле. Не помогнаа бројните апели и протести на жителите во овој дел од Скопје да им се остави паркот на децата и постарите жители кои жешките летни денови ги поминуваа тука.

Просторот е веќе ограден со лимена ограда, а со забрзано темпо речиси за два дена е изградена монтажната  куќа, која веројатно ќе се користи за градежните работници. Пред оградениот простор на огромен билборд може да се види како ќе изгледа новиот верски објект. Меѓу околното население се шират шпекулации дека оваа џамија е инвестиција на некоја турска фирма и ќе претставува една од најголемите џамии во Европа. Од паното се гледа зданието со голема површина и две минариња-пишува Утрински весник.

За тоа колкав ќе биде верскиот објект, кој ќе го гради, на чие земјиште, колку ќе чини и кој ќе финансира, како и за тоа кога е донесена одлука за изградба на џамијата, нема  одговор од Општина Чаир. Одговорниот за информирање Куштрим Алла, уште минатата недела рекол дека штом ќе се сретне со одговорниот на одделението за урбанизам, ќе одговори писмено на сите прашања на „Утрински весник“. Потоа  соопштил дека раководителот на урбанизам го преупатил до градоначалникот Изет Меџити, кој единствено можел да одговара на овие прашања. Меџити е недостапен за одговор за сите медиуми за одговор на овие прашања.

Инаку, Општина Чаир има површина од 3,52 километри и 64.823 жители. Со изградбата на оваа џамија ќе има вкупно пет вакви објекти во општината, што би значело дека ќе има по една џамија на речиси 13.000 жители, меѓу кои има граѓани од сите религии, а не само со муслиманска вероисповед.

АКО.мк, Утрински весник