Вработените на Институт за национална историја оставени без вода и тоалет

Откако Владата го пресели Државниот архив во зградата на Археолошки музеј, и старата наменска зграда ја подари на Јавното обвинителство, заради градежните работи, вработените во Институт за национална историја работат во ненормални услови.

Последно е тоа што освен во канцелариите каде има парно, по ходниците е студено , па дури и ветровито. Вода во тоалетите нема. Прашината е секојдневие, а историската граѓа физички отуѓена од нив. Проф. д-р Катерина Тодороска која единствена од Институтот јавно реагира и се залага за враќање на старата наменска зграда на својот ФБ напиша:

,,Се сеќавате кога пишував за СИЛЕЏИСТВОТО врз македонското национално богатство како што беше зградата и документацијата во Државниот архив на РМ?

Е сега ја имаме кулминацијата на силеџиството. Два ката од зградата се отворени бидејки прозорците се откорнати, од сите страни дува и носи ветер, прашината ни е веќе секојдневие.
Работниците кои го остваруваат планот, се топлат на оган од запалени дрвца во кофа.
И тоа не е се.
Имаме смрзната инсталација во купатилата, така што, не дај Боже да ви се припие вода или да ви притреба тоалет.
Нашите долгогодишни растенија кои го красат Институтот за национална историја веќе се уништени. Ама, за некого тоа е најмал проблем, оти на толку пресечени и откорнати долгогодишни дрвја по Скопјево, ова е незначајно за спомнување.
Секако, силеџиите остваруваат и на овие температури. Мора да се оправда корнењето на македонското национално богатство со повисоки цели. На пример, со навремено уништување на се што било направено по сите меѓународни стандарди.
Заклучок. Еден и единствен.
НОРМАЛНА ДРЖАВА, алтернатива нема.

Нормално е државата да се грижи за националното богатство какви што се документите од нејзиното минато. Тие сега се наоѓаат во ненормални услови, веројатно поплавени или смрзнати. Потоа би биле неупотребливи. Таму нема инсталација за регулирање на температура, нема никаква заштитна инсталација. Има само вода, мемла и уништување на националното богатство. Нормална држава МОРА да го врати Архивот назад. МОРА да се обнови откорнатата инсталација, да се поправи уништеното во секоја од канцелариите. МОРА ДА ДОЈДЕМЕ ДО НОРМАЛНА ДРЖАВА”-пишува Тодороска на својот ФБ профил.

АКО.мк