Вработени во Фени молат за помош

По подолг молк  и воздржаност,  конечно до медиумите се обратија и вработените во кавадаречкиот комбинат за никел Фени индустри. Велат стравуваат за работните места, а работите стануваат се полоши. Тврдат дека се изнесуваат машини  од фирмата, нема суровина за работа,  а од нив се бара да произведуваат и да ја исполнат нормата и во такви услови.

Во отвореното писмо доставено до медиумите се вели: -„Многу ни е тешко , молиме за помош и покрај сите наши молби ни една институциа не дојде да провери што се случува во Фени индустрија, а секаде се обративме , секаде отидовме и кај градоначалникот и кај трудовиот инспектор и никој не се заинтересира . Дали се работи за поголеми интереси ние не знаеме и никој не сака да ни помогне .  Некогаш бевме најјаката фирма во Македонија со најдобри работни услови и работнички права, а сега сме полоши од текстилна фирма, се прави притисок , ни се закануваат со нови бркања од работа .

feni_16

Работиме во најтешки услови , велат вработените во Фени и додаваат – гребеме руда од земјата и се бара производство, а нема од што и со што да произведеме “,-стои во писмото.

Понатаму се посочува дека целата фирма се изнесува , се продава се и систематски се работи на осиромашување и банкротирање на фирмата . Според работниците долгови има на сите страни и додека порано фирмите се натпреварувале за работа со Фени, сега сите имаат побарувања од фабриката за повеќе од една година .

-„Ако веќе целта е банкрот нека ни ги скратат маките на сите или во прашање е политичка игра до избори ? Нема пари ниту за плати , секој месец се доцни  и покрај тоа што е преполовена , тврдат работници кои инсистираат на анонимност.

,, За нас нема пари, а директорите си делат бонуси  и си купуваат  бесни коли “- го завршуваат писмото работниците.

Тие бараат од медиумите да дојдат и да се распрашаат за состојбите во комбинатот, за да излезе вистината на виделина кој и зошто го уништува Фени и ја доведува во прашање егзистенцијата на илјада фамилии .

Се жалат дека  достоинството на работниците во овој комбинат е крајно урнисано“ – и бараат одговор дали постои опасност од затворање на Фени?

Повеќе децении рудникот Ржаново како еден од најбогатите рудници на овие простори го користеше Фени индустри за експлоатација, а топилницата и рудникот се поврзани со транспортна лента долга околу 38 км, преку која рудата се транспортира на брз и ефикасен начин. Во 2005 година Фени заедно со рудникот беа продадени, а новиот генерален директор  Константинос Даскалакис со  менаџерски тим ќе работат на  намалување на трошоците за производство и зголемување на производството.

По една деценија управување,  менаџерскиот тим си даде оставки со образложение дека тоа го прават од лични причини.

На почетокот на месецот новото раководство објави список со имиња на работници кои добиле отказ.

-„Додека едни  работници се отпуштаат,  секојдневно во фабриката се примаат  нови-“ раскажуваат вработени од фабриката и прашуваат дали овие отпуштања и примање на нови работници значат калкулантски игри во пресрет на изборите.

Само пред една година статистичките податоци на компанијата покажуваат дека производството на Фени пораснало за 4 пати повеќе откако е рестартиран комбинатот, а дури 1000 компании работеа индиректно или директно со него.

Фени  беше и најголемиот клиент на Солунското пристаниште правејќи 50% од прометот. Во 2014 година Фени индустри ја доби наградата на Стопанската комора на Македонија за  најголема инвестициска активност за вложени 11 милиони евра во нова опрема и механизација за осовременување на производството, а со годишен извоз од 265 милиони долари важеше за најголем нето извозник во државата.

Работниците сега се незадоволни, а за проблемите немаат поддршка ниту од синдикатот, ниту од Владата.

Билјана Н. Тошевски