Габер-Дамјановска: Очекувам да излезе на виделина како Јован Илиевски стана судија во Судот во Стразбур

Во интервју за „360 Степени“, поранешната судијка во Уставниот суд, Наташа Габер-Дамјановска, рече дека е преседан и исклучок тоа што се случи со изборот на Јован Илиевски за судија во Суд за човекови права во Стразбур.

Таа беше кандидат во последната листа, практично препорачана од комисијата во рамките на Парламентарното Собрание, но на крајот, во Пленумот, најмногу гласови доби Илиевски.

– Јас не можам тоа да го објаснам, заради тоа што навистина е реткост, комисијата којашто ги прави интервјуата да предложи едно име, а некое друго име да биде изгласано од страна на Парламентарното Собрание. Нашиот случај, на Република Македонија, испадна дека е еден од тие исклучоци. Други примери на коишто можам да се сетам беа примерите со Словенија. Судијката којашто беше тогаш предложена од страна на комисијата да биде гласана од Парламентарното Собрание на Советот на Европа, беше цел на организирана кампања во која се образложуваше зошто таа не би требало да го заземе тоа место. Без да навлегувам дали тој што ја правел кампањата за конкретната судијка бил во право или не, мислам дека ако се направи паралела со овој наш случај, јас немам објаснување зошто се случи тоа така во Парламентарното Собрание – рече Габер-Дамјановска.

Според 360 степени, имало ситуација на непримерно лобирање во рамките на Парламентарното Собрание,како на пример, едни исти лица коишто се појавуваа во истражувачки текстови на Европската иницијатива за стабилност, коишто се осомничени за корупција, од одредени земји членки, биле и главни лобисти.

– Да, господинот Роберт Валтер, ако се сеќавам на вашиот прилог. И не само лобисти од странство, туку имаше и лица коишто беа активни и од нашата држава. Не би сакала да именувам. Висок функционер од Министерството за правда јавно се фалел на кого се јавувал и лобирал. Не сум наивна, јасно ми е дека политичко било лобирањето, меѓутоа мислам дека беше крајно непримерно за лице за коешто вашата држава лицемерно вели дека ги имате квалитетите и треба да бидете во таа тројка којашто има шанса да ја претставува Македонија во тоа високо судско тело, потоа активно да работи против вас. Мислам дека е тоа навистина непримерно – рече Габер-Дамјановска.

Интересно е дека во меѓувреме се формираше едно истражно тело коешто работи веќе на утврдување на евентуална корупција во рамки на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, па ќе биде интересно да види дали овој наш случај ќе се најде на дневниот ред на ова тело.

– Па, со нетрпение очекувам, тоа е единствено што можам да кажам. Вистината мора да излезе – рече Габер-Дамјановска.

Извор:360 степени