ГЛАС

 

Од Емилија Лазаревска

 

Како никогаш досега, после толку избори, новинарска и животна километрежа, почнав да  си го ценам мојот глас што го давам на избори. Секоја пресвртница, животна или историска, остава простор или принудува да се размисли длабински за некои работи, кои порано сме ги правеле рутински или без многу размислување.

Сега, о Боже, дури сега вистински сфаќам, што правам со мојот глас на изборите. Всушност, нашите гласови, нашето лично право да му ја дадеме некому довербата да управува со нашето секојдневие, со парите што ги оставаме во државниот буџет, со образованието, здравството, работничките права, безбедноста, нашата сигурност, нашата иднина, е навистина голема одговорност, и на тој што гласа, уште повеќе за тој што гласаме.

Давајќи го својот глас некому или на некоја политичка опција, сурово кажано, им овозможуваме низа привилегии  на тие што треба да не застапуваат. Самото заземање на некој државна позиција или функција, значи дека тоа е овозможено со гласови на граѓаните, од кои, секој на некој начин, очекува некаков поврат на изборен ДДВ. Да, ете така да го наречеме.

Некој очекува да има асфалтирана улица до дома, друг канализација, трет вода во текот на цела година. Некому му е неопходна инвалидска количка, некому паркинг простор, на многумина работа или работно место, на сите квалитетно образование, здравство , организиран јавен превоз, чист воздух и животна средина, пристојна егзистенција. Па, понатаму, тие што го имаат ова, бараат добар културен живот, добра инфраструктура за да стасаат полесно до туристичките дестинации и така натаму. Колку е поголем личниот успех и заработувачка, толку се повисоки (поскапи) очекувањата, и обратно, толку се нужни основните животни потреби.

Затоа, дури кога ќе се навратите на изворното и суштинско значење на некои поими, повторно добивате потреба да ги потсетите тие на кои со вашиот глас им овозможувате низа погодности и привилегии, дека е тоа заради нашиот глас, не ретко и не е правопропорционално со квалитетите, но ете, од разни причини, ја добиле довербата на гласачите.

Токму заради тоа, многу е просто,  тие што нема да ги оправдаат очекувањата или уште пострашно, ќе ја злоупотребат нашата доверба,  треба веднаш да ги напуштат привилегираните државни позиции, еве пак да ги потсетам, затоа што тоа им е овозможено со нашиот глас. Меѓу нив, мојот и твојот глас.

Со други зборови, ние мораме да си го цениме повеќе нашиот глас и да бараме одговорност од тие на кои им го даваме. Тоа е циклична одговорност, бидејќи некаде таму, заедно со нашиот глас, во тој систем на давање и земање, сме сите ние. Секој со својата одговорност, знаење и умеење. Никој не е изолиран остров, па да ги игнорира до бесконечност, тие кои не му се допаѓаат, да дава јавен отчет или не, како што нему ќе му текне. И така со години. Тоа мора да престане и да се казни.

Да нудите некому живот, тоа е навистина голема храброст и одговорност. И затоа, тој што ни го нуди, верувам е свесен за суштината на своите ветувања и одговорност, како што ние треба да сме свесни за моќта на нашето изборно оружје-нашиот ГЛАС.

Но, да им оневозможите на многумина живот, обичен, достоинствен живот,  и тоа во голема мера намерно, заради лични, себични и лукративни потреби, злоупотребувајќи го тој глас, за којшто стануваме несвесни колкава моќ има, е крајно негово потценување и понижување.  Дрско и безобразно.

Тоа толку моќно оружје, ГЛАСОТ, треба да поставува, но и да симнува од државни позиции, во истиот момент кога ќе заборават како и зошто се дојдени таму.

Како во старата, така и во Новата ера на сите им треба Живот.  Живот или Нова ера? Животно прашање е сега. На крајот, никој друг, туку вашиот ГЛАС одлучува. Затоа, сериозно размислете, кому го доверувате вашиот глас. За нашите животи се работи.

 

Емилија Лазаревска за АКО.мк