Градоначалникот на Крушево ја откажа новогодишната прослава и се откажа од патните трошоци

 

Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, објави дека дочекот на Нова година во организација на општината  се откажува, а парите ќе се искористат за патна инфраструктура.

Локалната самоуправа дочекот на Новата 2018 година ќе им го препушти на локалните кафулиња, дискотеки, ресторани и хотели.

Заради тешката финансиска состојба во која се наоѓа општинската каса одлучивме овие пари да ги искористиме за поприоритетни работи, како што е подобрувањето на патната инфраструктура во Крушево и во населените места.

На 31-ви декември 2017 година Општина Крушево ќе организира скромен коктел, додека вечерните забави и настани ги препушта на локалните претприемачи од угостителскиот сектор.

Со овој чекор сакаме и да потенцираме дека организацијата на настан како што е дочекот на Нова Година треба да ги опфаќа и населените места, а не само жителите на град Крушево.

Крушево е зимска бајка која заслужува да биде туристичка дестинација, за таа цел ќе го осветлиме и ќе го украсиме онака како што му доликува за новогодишните празници!-напиша Христоски на својот ФБ профил.

Претходно, тој објави дека се откажува од патните трошоци.

,,Општинската каса е во тешка состојба и мораме да кратиме посебно од неразумните трошоци кои до сега се правеле и да изнаоѓаме средства за решавање на егзистенцијалните проблеми на граѓаните.

Како градоначалник на општина Крушево се откажувам од надоместоците за дневни трошоци при патувањата надвор од општина Крушево.
Тие средства ќе ги пренамениме за изградба и реконструкција на патишта-објави Христоски.