Граѓаните почнаа ревносно да ги пријавуваат изборните неправилности

Овие локални избори се карактеристични и по тоа што граѓаните-гласачи почнаа ревносно и одговорно да реагираат на изборните злоупотреби и неправилности и да ги пријавуваат во МВР .

На 28.10.2017 околу 09,00 часот пријавено е дека во село Градец во семејната куќа на Ј.Ш. дошло до злоупотреба на избирачко право на тој начин што откако два члена од Општинска изборна комисија Врапчиште дошле во наведената куќа со цел изнемоштеното лице Ѓ.Ш., да оствари право на глас и двајцата и зеле отисоци од прстот во регистарот на гласачи, а едниот од нив заокружил реден број на една политичка партија спротивно на волјата на гласачот. Од страна на нејзината снаа било побарано од членовите на изборната комисија да и се даде друго ливче на нејзината свекрва со цел сама да си го оствари правото на глас, на што истите и кажале дека нејзиното гласачко ливче ќе го направат неважечко и не и дале друго ливче односно и го оневозможиле правото да гласа. При тоа гласачко ливче го ставиле во плико и си заминале, иако од пријавителката им било укажано дека ќе бидат пријавени во полиција. Пријавителката посочила дека двете лица се од с.Градец. За време на целиот настан во дневната соба била и ќерката на пријавителката која изјавила дека не видела ништо. Се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот.

Во МВР се регистрирани уште неколку случаи на злоупотреби на изборниот процес пријавени од членови на изборните комисии:

На 29.10.2017 година околу 06,40 часот полициски службеник пријавил дека во текот на ноќта на ул. “Алија Авдовиќ” во населба Ченто во Скопје на фасадата на Основно училиште “25-ти мај” имало испишан графит со политичка содржина.

На 28.10.2017 година во 12,17 часот во Полициска станица Кисела Вода се јавил претседателот на Општинската изборна комисија Кисела Вода и пријавил дека истиот ден околу 11,00 часот на улица „Јабланица“ кај лице кое е старо и изнемоштено и затоа гласало во својот дом во присуство на Избирачка комисија во состав од претседател и тројца членови, откако лицето гласало, еден член на комисијата го сликал неговото гласачко ливче.

На 28.10.2017 година во 13,15 часот претседател на Избирачки одбор на Избирачко место број 2743, пријави дека при разнесување на гласачките матријали на гласачко место лоцирано во Основно училиште “Невена Ѓорѓиева Дуња” од страна на претставник на политичка партија сликан е кочан со гласачки ливчиња (горна корица на кочан со број на гласачко место и сериски број на прво и последно гласачко ливче) со мобилен телефон.

На 28.10.2017 година во 14,20 часот член на Општинска избирачка комисија Кисела Вода, пријави дека при разнесување на гласачки материјали на гласачко место број 2746 лоцирано во Месна заедница “11-ти Октомври” од страна на претседател на Избирачкиот одбор сликан е кочан со гласачки ливчиња со број на избирачко место.