Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, во вчерашниот триесет минутен губитнички говор, не ги призна резултатите, побара предвремени парламентарни избори, и за сето тоа , како што рече, подаваат рака додека не е доцна за Македонија.

Груевски испорача 7 барања до Заев и СДСМ:

,,Сакам да објавам, дека заради изборно насилство и силување на демократијата и силување на државата, заради констатирани, евидентирани и документирани изборни нерегуларности, заради бруталниот терор што се вршеше во овие пет недели, заради нечовечките закани, бруталните притисоци, масовниот поткуп, заради кривичните дела кои ги направија во изборите, и согласно одлуката на Извршниот комитет, ВМРО-ДПМНЕ не ги признава овие избори и нема никогаш да ги смета за фер и демократски избори.

Покрај тоа што не ги признаваме овие избори за фер и демократски, ВМРО-ДПМНЕ бара итно враќање на демократијата и достоинството во земјата. Бараме:

1. Oрганизирање на предвремени парламентрани избори согласно Пржинскиот модел кои ќе бидат спроведени од техничка Влада, на исти начин како што беа организирани парламентарните избори на 11 декември 2016 година. Ајде Заев ако си толку силен и јак, да одиме на избори. Ако ние можевме да спроведеме избори по овој модел, најмалку што можеш е и ти да се согласиш да одиме на избори по истиот тој модел.

2. Итна смена на директорот на Агенцијата за аудиовизулени и медиумски услуги, и избор на директор на оваа значајна институција по предлог на опозицијата.

3. Оставка од претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, враќање на старото законско решение и избор на претседател на ДИК од редовите на опозицијата, бидејки под плаштот на независен експерт, всушност се инсталираше личност која не работеше правично и чесно, туку по инструкции на друг,

4. Итна истрага и вештачење со наше учество на уредите за прислушкување на УБК, заради основано сомнение дека полицијата врши прислушкување на најмалку 100 лица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ

5. Итно и без пролонгирање завршување на судењето за случајот Поткуп, во кој Заев на очиглед на целата јавност бара мито во висина од 200 илјади евра

6. Основање на специјално јавно обвинителство кое ќе има ингеренции за расчистување на изборните нерегуларности од изборите во 2016 и изборите во 2017 година, како и на злоупотребата на целокупниот државен апарат во изборни цели за овие избори

7. Откако се виде дека масовно се ослободуваат сторители на тешки кривични дела, бараме итно ослободување на лицата кои се во притвор и прекинување на процесите против сите граѓани за случувањата на 27 април 2017 година.

Ајде да видиме кој е за демократија, за правда и слобода а кој не е. Кој е силен, а кој не е силен. Кој е во право а кој не е во право. Ако Заев има барем минимум доблест и човечко достоинство треба веднаш и без одлагање да ги прифати сите овие 7 точки.

Подаваме рака пред да е предоцна. Македонија оди во лош правец, а хунтата на Заев ја турка во опасно сценарио, во сериозни ризици и големи опасности“-рече Груевски.