Груевски: Граѓаните на 15 октомври ќе кажат дали Илинденското востание било македонско или бугарско

Секојдневните обиди и убедувања дека со штетни договори за Македонија ќе изградат пријателство, е исто така потценување на интелигенцијата на народот, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вчерашниот митинг во општина Центар.

Отидоа со Бугарите прифатија се за една минута, без никакви преговори. Прифатија дека Илинденското востание не било македонско, било бугарско, Гоце, Даме, Питу, Карев и така натаму биле Бугари. 11 октомври- првата пушка против фашизмот не било востание, било идеолошка борба помеѓу двете спротивставени страни на Бугарите во Македонија. Ќе им каже сега македонскиот народ на 15 октомври чие е Илинденското востание и што е 11 октомври. На 15 октомври ќе добијат одговор и за 11 октомври и за Илинденското востание и за тоа дали ние сме биле виновни што не се решил спорот со Грција и со Бугарија договорот и дали ние сме биле виновни што не сме прифатиле промена на името на државата, името на нацијата, на јазикот. Гласајќи за градоначалници и советници, граѓаните ќе дадат свое мислење и за тоа.

Народот, рече Груевски, ќе си го каже своето мислење и за демагогијата што ја шират и додаде:

„Oдат потценувачки со кампања, ај што плукаат по мене и моите соработници, туку си плукаат и на себе, затоа што прво треба да направат нешто па да плукаат, ништо немаат направено. Јас и моите соработници, направивме многу, тие кога плукаат по нас плукаат по нешто што е многу повисоко од нив, а кога плукаат нагоре, плуканката им се враќа врз нив на главата. На 15 октомври гласањето нема да биде само гласање за градоначалници и советници, ќе биде порака од народот за овие 4 ипол месеци владеење и злоупотреби, ќе биде порака и за секојдневните помрачувања да ги прикријат со напад на противникот, со политички хајки и прогони“.

Кон странските инвеститори, потенцираше тој, се однесуваат како кон натрапници, наместо да им се заблагодарат и да се борат истите тие и нови да изградат уште фабрики.