Груевски две години не е премиер, но користи телохранители, возило и возач на државна сметка

,,Веста дека обезбедувањето на претседателот Никола Груевски не дозволило доставување на поканата за судско рочиште во врска со предметот Титаник е лага. Имено обезбедувањето на претседателот Груевски го информирало доставувачот дека претседателот не е во домот во тој момент и не станува збор за никакво попречување.

Оваа вест претставува груба лага која има за цел манипулација на јавноста и дефокусирање од политичкиот прогон и реваншизмот кој го врши власта врз политичките неистомисленици“-реагираше денеска ВМРО ДПМНЕ, на некоја објавена вест во некој медиум.

Меѓутоа, ова соопштение не потсетува на фактот дека поранешниот премиер  и две години по оставката , се уште ги користи сите државни привилегии кои му ги овозможија неговите пратеници пред 4 години, со носењето на Закон за бенефиции на поранешни премиери, кроени по теркот и меракот на Груевски.

Законот за бенифиции на поранешни премиери, со кој на Никола Груевски му се овозможи 24 часовно обезбедување со 6 телохранители кои ќе ротираат, но и личен возач, беше донесен во јануари 2013 по скратена постапка. Законот содржи само три члена, а едниот од нив го регулира ,,чувањето“ на Груевски толку години колку што бил Премиер. Овој скандалозен закон во стилот Господ кога делел брада прво си доделил себеси, едногласно беше подржан , само за неколку минути работа во Парламентот, од тогашните пратеници на парламентарното мнозинство предводено од ВМРО ДПМНЕ. Опозицијата предводена од СДСМ не беше присутна во салата за пленарни седници бидејќи ја бојкотираше работата на Парламентот, што беше искористено за носење дузина закони по скратена постапка.

Со него премиерот откако ќе ја напушти функцијата ќе има право да избере лица кои ќе го обезбедуваат, а сите останати привилегии ќе може да ги користи толку време колку што бил претседател на Владата на Република Македонија.

Обjaснувањето на предлагачите, како и на  Груевски, тогаш, беше дека таквата можност за избор на обезбедување на Премиерот му е потребна поради сериозната борба против корупцијата.

Законот, којшто го предложија пратениците Илија Китановски и Александар Николовски,  предвидува откако Премиерот ќе ја напушти функцијата, да има право да избере лица кои ќе го обезбедуваат, а сите останати привилегии ќе може да ги користи толку време колку што бил претседател на Владата на Република Македонија.

Според овој закон, Груевски овие привилегии ќе може да ги користи точно 10 години, колку што беше Премиер, а  има право своите телохранители да ги користи секаде и во секое време. Тоа значи дека ако Груевски реши да оди во приватна посета во Австралија и таму сака да остане неколку месеци, со него може да си ги носи и бодигардите, кои се разбира ќе бидат платени од буџетот на РМ.

Според истиот закон,  и Емил Димитриев има право да користи возач и 6 телохранители толку време колку што беше Премиер на техничката Влада.

Никола Груевски, сега, како повеќекратно обвинето лице за сериозни кривични дела и злоупотреба на службената положба, но и како опозиционер кој излегува на протести, го користи службеното обезбедување, возач и автомобил, секаде и во секое време. Тој неодамна побара дополнителни 20 телохранители, но МВР процени дека нема сериозни закани за неговата безбедност и го одби барањето.

Нема точна процена колку ја чини државата овој хир на Груевски и дали актуелната Влада има намера да го укине законот, со кој во иднина секој нареден премиер ќе користи толку привилегии колку што години бил на таа функција. Овој закон е единствен од ваков вид во светот.

АКО.мк