Денеска се навршуваат 5 години  од  т.н. „Црн понеделник“, кога  на 24 декември 2012 година, пратениците од СДСМ и новинарите , брутално и насилно беа исфрлени од собраниската сала од тогашната владејачка гарнитура предводена од Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ.

Опозициските пратеници се обидуваа со  непрекинато зборување и попречување на работата, да го одложат гласањето на Буџетот за 2013 година, тврдејќи дека целосно е нарушена процедурата за негово носење. Тоа беше направено  најпрвин во собраниските комисии каде што не беа поминати огромен број амандмани што тогаш ги поднесоа социјалдемократите.

На повик на спикерот Трајко Велјановски, собраниското обезбедување влезе прво во галеријата каде што беа сместени новинарите и ги отстранија од таму, за да не можат да го регистрираат исфрлањето на социјалдемократите од салата за пленарни седници.

Паралелно со тоа, во собраниската сала влегоа голем број лица од собраниското обезбедување, но и полицајци во цивилна облека и насила ги исфрлија пратениците на опозицијата. Некои пратеници беа и повредени.

Тепањето и исфрлањето на колегите од опозициската СДСМ, немо го набљудуваа нивните колеги од власта, од ВМРО ДПМНЕ, а во салата беа и министрите за внатрешни работи и финансии. Остана забележано и тоа како Зоран Ставревски со раката им покажува на полицајците и обезбедувањето побрзо да ги изнесат пратениците од салата..

Утрото на 24 декември пред Собранието се собраа неколку илјади граѓани за да им дадат поддршка на пратениците од опозицијата и на медиумите. Наспроти нив беа донесени и контра-протестанти, а меѓу нив беа до заби вооружени полициските сили.

Уставниот суд по претставка на ЗНМ, одлучи дека со исфрлањето на новинарите не е повреден член 16 од Уставот кој гарантира дека цензурата е забранета, а се гарантира пристапот до информации.

Но, претседателот на ЗНМ, поднесе тужба пред Судот за човекови права во Стразбур, кој пресуди во негова корист.

Никола Груевски, на 23 декември 2017 стана дел од историјата на ВМРО ДПМНЕ. Тој и официјално не е веќе претседател на оваа партија по речиси 15 години раководење. На негово место седна Христијан Мицкоски, а Груевски е прогласен за почесен претседател, исто како што тој го прогласи Љубчо Георгиевски, во  2003, кога ја презеде должноста од него како претседател на ВМРО ДПМНЕ.

АКО.мк