Груевски се сретнал,но не дознал ништо од Борисов за разговорите со Заев

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска по завршувањето на самитот на ЕПП во Брисел, се сретнал со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов. На средбата зборувале за потребата Македонија да стане членка на НАТО и Европската Унија-велат од ВМРО ДПМНЕ.

-Не дознав ништо од она што се договорило на средбите во минатите два дена во Софија и нормално е јавноста и ние како опозиција да го дознаеме од моменталниот Премиер на Македонија, изјавил Груевски по средбата со Борисов.

Посочил дека Борисов ги знае позициите на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ги реафирмирав позициите на ВМРО-ДПМНЕ по прашањето на договорот за пријателство со Бугарија, кој што треба да се потпише, но се разбира, треба да се внимава што тој ќе содржи и тој да нема последици понатака ниту за Бугарија, ниту за Република Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик, рекол Груевски.