Дали е безбеден пијалокот ,,Ламар”

Дополнителниот заменик министер за земјоделство Љупчо Николовски побара одговор од директорот на Агенција за храна и ветеринарство кој дозволил пласман на пазарот на пијалок со сомнителен квалитет.

Според Николовски во февруари влегла пратка во земјата и на пазарот се продава пијалок кој претставува закана за здравјето на граѓаните, а посебно на младите.

,,Бараме одговор, што е превземено по стручното мислење добиено од Институтот за јавно здравје од 12.02.2016 година”-праша Николовски?

,,Како и по кој правилник или одредба од законот преку АХВ е дозволено на пазарот во Македонија да се најде производ алкохолен пијалок со висока содржина на кофеин?

Дали за оваа пратка од февруари АХВ има донесено решение за повлекување, уништување, ставање вон промет или други мерки?

Директорот Поповски е должен веднаш да одговори на овие прашања”- повика заменик министерот за земјоделство.

Од Агенција за храна и ветеринарство одговорија дека Николовски ја доведува во заблуда декапијалокот Ламар увезен во земјава е небезбеден и го доведува во опасност здравјето на луѓето.

,,Обидот на Николовски и овој пат да најде тема за да води политика под превезот на грижата за здравјето на граѓаните, само ги доведе во заблуда и свесно ги изманипулира потрошувачите, атакувајќи на институцијата која води континуирана грижа за безбедноста на храната и за здравјето на граѓаните.

Не само нестручноста, туку и со елементарната неспособност се читаат прописите за безбедност на храната, Николовски и овој пат шири паника, сакајќи ја да урне довербата на граѓаните во институциите на системот и несвесно сее страв за здравјето на потрошувачите.

Прописите се јасни, недвосмислени и важат еднакво за сите, а во конкретниов случај тие се повеќе од јасни и на страна на вистината. Согласно Правилникот за начинот на означување на храната (Службен весник на РМ број 118 од 2005 година), кој е комплетно усогласен со европските правила за означување на храната, кој беше на сила во моментот кога е увезен пијалокот, кој само за Николовски е небезбеден. Во него, во членот 19 јасно е дефинирано дека пијалоците кои содржат и кофеин од било кој извор, во количина поголема од 150 милиграми на литар, потребно е само да се означат со ознаката ,,висока содржина на кофеин,, што е сторено и во конкретниот случај, односно, ваквото означување и тогаш било истакнато на производот кој се извезува и на пазарите во Европската унија’- се вели во реакцијата на АХВ.