Дамјановска: Татко ми беше дома кога се случи инцидентот

Керката на градоначалникот на Куманово Марта Дамјановска во реакција за актуелно.мк, тврди дека нејзиниот татко Зоран бил дома за време на немилиот настан што се случи пред вратата на неговиот дом кога беше пронајден мртов човек со прострелна рана.

Таа вели дека со нејзиниот татко и брат биле во својот дом, а само мајката била отидена на работа. Дамјановска исто така демантира дека нејзиното семејство води некаков судски спор против починатиот Кирчо Тодоровски.

Актуелно.мк вчера извести дека Тодоровски утрото на 26 септември во 7 и 30 е пронајден со прострелна рана во главата, во ходник на првиот кат од зграда, токму пред вратата на станот каде што живее Градоначалникот Зоран Дамјановски, на Булеварот Октомвриска Револуција. Во неговата десна рака се наоѓал и пиштолот од кој што бил испукан еден куршум, а за него Тодоровски поседувал дозвола. Мистериозната смрт на кумановецот допрва ќе се расветлува, а полицијата треба да го открие мотивот за евентуалното убиство или самоубиство. Од извори на истрагата информиравме дека починатиот своевремено бил вработен, но и бизнис партнер во градежната фирма АДА, сопственост на Дамјановски. Тодоровски направил финансиски проневери во фирмата по што бил избркан од работа, а Дамјановски против него повел и судска постапка. Дали имало судска разрешница и во чија полза се решил спорот, се уште не е познато, но бизнис партнерот во неколку наврати го молел Дамјановски да ја повлече тужбата. Неколку часови влезот на зградата каде се случи настанот беше блокиран заради вршење увид од страна на истражните органи.