Данев: Зголемувањето на даноците и акцизата на нафтата се најлошите економски мерки

Според опозициската ВМРО ДПМНЕ, СДСМ денеска ја соопшти најлошата економска мерка – зголемување на даноците. Во случајов, зголемување на акцизата на горивата за фрапантни 3 денари по литар. Заедно со ДДВ, тоа претставува покачување од 3,54 денари за литар нафта. Скандалозно и неодговорно.

СДСМ ги излажа граѓаните кога ветуваше дека нема да има покачување на давачките. Покачувањето на даноците е одговор за покривање на буџетската дупка создадена со неспособноста на СДСМ за водење на економска политика.

Да, почитувани граѓани од јануари 2018 година акцизата на горивата ќе биде поголема за 3,54 денари. Тоа ќе значи директно ставање рака во џебот на граѓаните и одземање на пари од семејниот буџет. Тоа ќе значи директно ставање рака во џебот на земјоделците или фирмите каде цената на горивата е еден од најважните инпути. Најмногу ќе настрадаат земјоделците кои наместо зелена нафта, добија покачување на акцизата и на цената на нафтата. Ќе настрадаат и сите граѓани, бидејќи зголемената цена на нафтата значи отворање на спиралата на инфлацијата: повисоки цени на превозот, повисоки цени на прехранбените и сите други производи.

Зголемените трошоци за фирмите ќе значат намалување на конкурентноста на македонските компании на меѓународно ниво, бидејќи со одлуката на црното економско трио на СДСМ, за разлика од нивните конкуренти ќе треба да одвојуваат повеќе пари за акцизи. Се ова неспособната влада на СДС го прави само за да ја покрие својата неспособност и расипништвото.

Сликовито објаснето доколку имате едно возило во семејството и месечно трошите 100 литри гориво, ќе плаќате 354 денари повеќе, тоа во период од 1 година се 4.248 денари повеќе од секое семејство. Доколку имате две возила во семејството тоа се 8.496 денари годишно, пари кои ќе се земаат од секое семејство за прикривање на расипништвото на СДСМ.

Покачувањето на цената на акцизата на горивата ќе значи и поголем трошок за повеќе производи кои директно зависат од цената на горивото, како транспортните услуги, градежните услуги, па дури и цената на лебот и прехранбените продукти, тоа ќе ја отвори спирала на покачувања што неминовно и ќе ја забрза и онака отпочнатата растечка инфлација и ќе ја донесе државата на колена-рече Драган Данев.