,,Дваесет и првиот“ на Османли објавен на бугарски јазик

Деновиве во издание на „Персеи“ од Софија беше објавен романот „Дваесет и првиот“ на македонскиот автор Томислав Османли во превод на Маријан Петров. За реализирањето на ова идание се погрижи Пламен Тотев, прв човек на софиското книгоиздателство „Персеи“. Кориците ги дизајнираше Стефан Тотев. Издавачката куќа„Персеи“, основана 2004. година, својот фокус го става на објавувањето современи скандинавски, руски, бугарски автори, како и на дела од светската класика. Во последно време оваа издавачка куќа покажува бележито интересирање за објавување на дела и од македонски автори.
 
            Инаку, „Дваесет и првиот“ е возбудлива, слоевитa и динамично доловена книжевна потрага по изгубената, традиционална вреедност на  добрината. Неговото дејствие се одвива во размешаното време кое почнува парадоксално да тече на прагот од  21 столетие, но и на третиот милениум. Во критичките одгласи за романот, често се повторува дека Османли напишал раскошен и елегантен роман посветен на оттуѓеното време во кое живееме. Во дејствието, кое се одвива како во Македонија, така и на повеќе места ширум планетата, авторот оживува историските личности, како од македонската преродбеничка, така и од современата книжевна и политичка историја и култура…
             
Романот „Дваесет и првиот“ на Томислав Османли на македонски, објавен во двe изданиja на „Блесок“ од Скопје, инаку е добитник на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ во 2010. година и македонски кандидат за „Балканика“ истата година. Романот до сега беше објавен во Хрватска (издание на „Сандорф“ од Загреб, 2012), во Црна Гора (ОКФ, Цетиње, 2014) и во Србија (книгоиздателство „Дерета“, Белград, 2014), во Русија („Рудомино“, Москва, 2015) и неодамна во Египет („Ал Араби“, Каиро, 2016). За меѓународниот 12. Саем на книгата во Солун кој се одржа во мај 2015 година, „Дваесет и првиот“ доживеа и интернационално издание на англиски јазик.
Софиското е седмо издание на наградениот македонски роман.
Преводот на романот „Дваесет и првиот“ на бугарски јазик е овозможен со поддршката на Фондот за превод на Министерството за култура на Македонија.