Декларација за слободни и фер избори и бесплатни услуги на Катастар и Централен регистар за новинари

На денешната, 26-та седница, Владата на Република Македонија ја усвои Декларацијата за слободни и фер избори, како темелна вредност која произлегува од членот 22 од Уставот на Република Македонија, според кој, секој полнолетен граѓанин има избирачко право кое е еднакво, општо и непосредно, кое се остварува на слободни избори со тајно гласање.

Согласно оваа декаларција, владата им препорачува на сите носители на јавни и државни функции, како и вработените во органите на државната управа да ги преземат сите неопходни законски мерки, како и политички и институционални чекори, за да го гарантираат неприкосновеното избирачко право на секој граѓанин и да обезбедат почитување на принципот на тајното гласање за да може гласачите слободно да гласаат, без страв или заплашување.

Владата им препорача на сите носители на јавни и државни функции, како и вработените во органите на државната управа треба да обезбедат изборниот процес да се одвива непречено за да се избегне измама или друга незаконитост, и да ја одржат неговата безбедност и интегритет.

На оваа своја седница Владата на Република Македонија изразувајки цврста заложба за почитување на неприкосновеното избирачко право и непреченото спроведување на изборниот процес ја усвои и изјавата за изразување силна политичка волја и поддршка на владата и на нејзините институции за континуирана примена на етичкиот кодекс за медиумско известување, како за силно охрабрување на примената и почитувањето на системот за медиумска саморегулација.

Правото на медиумите и на новинарите слободно и непречено да известуваат и да истражуваат, владата денеска го поддржа со уште една мерка со која им на медиумските работници им се овозможува право на бесплатно користење на услугите на Централниот регистар и на Агенцијата за катастар на недвижности. Со оваа своја мерка, Владата на Република Македонија им излезе во пресрет на барањата на новинарите и на новинарските здруженија и обезбеди слободен пристап до извори на информации од посебно значење за истражувачкото новинарство.