Делегација на ВМРО ДПМНЕ еден ден порано положи цвеќе на Мечкин Камен

ВМРО ДПМНЕ годинава ќе ја бојкотира прославата на Илинден. Тие еден ден порано, токму во време кога се потпишуваше Договорот за добрососедство со Бугарија во Влада на РМ, отидоа на Мечкин Камен да положат цвеќе.

,,Најпрво на сите граѓани на Република Македонија од името на партиската делегација на ВМРО-ДПМНЕ да им го честитам најголемиот слободарски празник на нашата држава Илинден и во тој спомен денеска дојдовме да положиме букет пред споменикот на паднатите херои на Мечкин Камен“-рече Антонијо Милошоски, кој ја предводеше партиската делегација.

 

,,Тоа го правиме денеска од неколку причини.

Прво затоа што сметаме дека овој Илинден е премногу важен, за на истиот да дадеме легитимитет за нелегално избрани функционери.

Второ, затоа што имаме огромна чест како партија, која што ги полага своите корени на историското ВМРО, како современа генерација да им одадеме почит на паднатите жртви за Крушевската Република, која што е темел на современа Република Македонија“-рече Милошоски.

,,И трето, ги повикуваме повторно сите наши членови, симпатизер и граѓани кои сметаат дека оваа порака е соодветна да се воздржат од давање на легитимитет на прослави организирани од владата на СДСМ и ДУИ, затоа што цениме дека можно е со такви некои одлуки кои што го иритираат народот, како одлуката на господинот Џафери да се обрати тука на Мечкин Камен, да се создадат некои услови или некој да смислил некои намерни инциденти кои што можат да ја нарушат честа и достоинството на Илинден, како еден голем македонски слободарски празник“-рече Милошоски.