Граѓанскиот активист Џабир Дерала во колумна објавен на Плусинфо реагира на одлуката на Канал 5 телевизија да го откажат неговото учество во дебатата со Стевчо Јакимовски која требаше да се емитува во емисијата ,,Само вистина“ на авторката Мирјана Трпчевска. Со наслов ,,Само вистина, само со Стевче“, Деарала пишува:

,,Сончогледите се вртат, ама коренот останува. Дури и политички маргиналец како Стевчо Јакимовски може да влијае на програмата на Канал 5. Најавената дебата во „Само вистина“ со мене, се претвори во губитнички, политичко-пропаганден монолог на некогашниот заколнат СДСМ-овец, основач на ГРОМ и коалиционен партнер на ДПМНЕ. Од што се исплаши Јакимовски?

Дали ќе кажеше „само вистина“ додека јас бев во студиото? Тешко.

Нема одговор за менувањето на ДУП-от како ќе му текне нему и на неговите вемеровски шефови, за уништувањето на зеленилото во општина Карпош и за агресивните приватни градежни зафати на општинско земјиште. Нема одговор ни за бизнисите кои ги тера преку тендерите кои ги добиваат неговите другарчиња.

Плацови над зелената линија на Водно ги претвори во градежно земјиште и ги даде на „своите“. После, загадувањето му доаѓало од Косово и баш Карпош го погоди и го направи една од најзагадените општини. Улицата во Момин Поток, не ја асфалтира со години. Кога врне, автобусите не смеат да се движат по неа, дупките се толку големи што може да се превртат. Но, затоа го асфалтираше патот до станицата за технички преглед за која велат дека е на батето на оној што не смее да каже дома дека не е веќе премиер. Фасадите на повеќе згради не се завршени од страната која не гледа кон улиците. Синдром: Потемкин.

Власта му е многу важна. „Где је печат?“ ќе остане една од најисмејуваните епизоди во неговата бескрупулозна борба да остане на власт. Откако остана градоначалник по секоја цена, побрза да го регистрира ГРОМ. „Нико нам ништо не може, јачи смо од судбинеее“, пееше Стевче и, под закана со отказ, ги принуди повеќето вработени во општината да станат основачи на партијата. Тие што му се спротивставија, ги отпушти или ги деградира и распоредува во канцеларии во Бардовци, Злокуќани, кај апсурдниот надвозник во Влае…

Учествуваше во изборната измама во 2014 со сите средства кои ги имаше на располагање во општината. Меѓу многуте други изборни измамнички практики во 2016, ќе спомнам само дека ги користеше и децата кои го кршеа изборниот молк и агитираа, не за ГРОМ, туку за вемеро“-пишува Дерала во својата колумна.

Новинарката и автор на емисијата Мирјана Трпчевска за АКО.мк вели дека не е ништо страшно, бидејќи со Џабир Дерала се договориле тој да учествува во некоја од наредните емисии во која ќе се разговара за граѓански активизам, што, според нејзин впечаток, повеќе му одговарало и на Дерала.

Трпчевска признава дека претходниот концепт бил дебата меѓу двајцата, но заради барањето на Јакимовски да гостува сам  и неговата реакција дека нема за што да дебатираат со Дерала, одлучиле дека нивно одделно гостување во емисијата е подобро за сите.

Од Цивил неколку часа пред почетокот на емисијата известија дека ниовинарката која го поканила, потоа му го откажала учеството на Џабир Дерала, затоа што Јакимовски не се согласил да учествува на дебата со него.

АКО.мк