Утрината во скопската населба Автокоманда, деца на улично куче му разнеле дел од долната вилица со петарда.

Фотографијата е направена од очевидци и е постирана на ФБ. Здружението за заштита на животни Анима Мунди, бара помош преку социјалните мрежи да се лоцира кучето, за да може да му се помогне.

Омразата кон кучињата која се шири низ јавноста, заради постојаните информации дека искасале луѓе, достигнува загрижувачки размери. Кучињата организирано и масовно се трујат, а МВР досега нема фатено ниту еден од трујачите, ниту истражено некој од пријавените случаи, иако пријавувачите често ги лоцираат и местата на труење и можните сторители.

Морбидните фотографии, за уште помонструозните постапки на дел од населението, никого од надлежните не загрижува. Уште повеќе, очигледно децата се поттикнуваат на овие злосторства, што е без преседан, а најчесто поминува  и без казна.

Здружението за заштита на животни Анима Мунди, се анатемисува на социјалните мрежи, а неговите активисти и волонтери се ,,распнуваат“ јавно, само затоа што се залагаат за почитувње на правата на животните.

Сопствениците на домашни миленичиња, нема кому да се обратат за заштита, затоа што надлежните не ги сфаќаат сериозно нивните пријави за малтретирање на домашните миленици, а често и тие лично се изложени на тортура и вознемирување. Постапките на неодговорни поединци одат дотаму, што им фрлаат отров во дворовите или на терасите, на домаќинствата што чуваат кучиња.

Отсуството на институционална реакција, крајно ја влошува ситуацијата, како и односите меѓу љубителите на животни, и оние кои, најблаго кажано, не се тоа.

АКО.мк