Де Ниро ја поддржа Мерил Стрип по нападите врз неа од Трамп

Познатиот глумец Роберт Де Ниро и упати писмо со поддршка на неговата партнерка од некои филмови и колешка Мерил Стрип, која заради страствен политички говор на доделувањето на Златен глобус, беше непримерно нападната од новиот американски претседател Доналд Трамп.

,,Говорот беше сјаен. Беше потребно тоа да се каже. Вие тоа го кажавте на многу убав начин. Почитувам тоа што го рековте, додека светот ги славеше Вашите достигнувања. Го делам Вашето мислење. Кога заради моќта што ја имаат ,некои луѓе малтретираат други, сите губат,, напиша Де Ниро во писмото до Мерил Стрип.

Славната и многупати наградувана глумица на доделувањето на Златниот глобус за животно дело го критикуваше Трамп . Таа  рече дека тој ги урива американските вредности. Кажа дека била шокирана кога го видела на телевизија на еден предизборен собир како имитира хендикепиран новинар.

По ова , Трамп на првата прес конференција во улога на американски Претседател јавно ја нарече приврзок на Хилари и неспособна, која со врски ги добивала улогите.

Мерил доби поддршка од многу свои колеги меѓу нив и Бен Афлек, Барбара Стрејсенд, Мајкл Киктон и други.