Братот на британската принцеза Дајана,  Чарлс Спенсер, се обиде да го спречи емитувањето на документарниот филм во  Велика Британија, во кој омилената принцеза зборува за својот љубовен живот и несреќниот брак со принцот Чарлс.

Телевизискиот канал 4 најави дека ќе го емитува овој филм по повод 20 годишницата од нејзиното загинување и покрај противењето на нејзиниот брат и членови на кралското семејство.

Документарниот филм Дајана: Со нејзини зборови  (Diana: In Her Own Words) ќе се прикаже на 6 август.

Станува збор за нејзино сведочење за неуспешниот брак со Чарлс, нејзините размислувања да ја напушти Бакингамската палата , но и нејзините љубовни врски.

 

Принцезата Дајана во документарецот открива како по пет година после венчавката, плачејќи отишла кај  кралицата и и се пожалила дека нејзиниот брак со Чарлс е без љубов. Дајана рекла дека не знае што да прави. Го добила истиот одговор од кралицата-не знам што да правиш.

 

Дајана во филмот зборува и за нејзиното вљубување во телохранителот Бари Манаки, кој загинал во 1987 година. Таа искажала сомнеж дека тој можеби е елиминиран.

Филмот Дајана:Со нејзини зборови (Diana: In Her Own Words) е снимен 1992-3 година, а врз основа на материјалот што го поседувал личниот професор по дикција на Дајана, Питер Сетелен.

Братот на почината принцеза и членови на кралското семејство велат дека не е примерно да се емитува овој филм заради нејзините синови и бараат тој да се забрани се дури се тие живи.

Но, Канал 4 објави дека документарниот филм е историски приказ и ќе биде емитуван.

Принцезата Дајана загина во сообраќајна несреќа на 31 август 1997 година во Париз.