Државниот архив отиде во архивите

Зградата на Државниот архив на Македонија , во која  речиси 50 години се чуваше на најбезбеден и најсовремен начин архивската граѓа на историјата на македонската држава, дефинитивно замина во архивите.

Не помогнаа апелите на историчарите до политичарите да им ја остават оваа зграда која беше пуштена во употреба 1969 година. Со политичка одлука на владата на ВМРО ДПМНЕ-ДУИ, кога уште беше премиер Никола Груевски архивската граѓа се отстрани од неговата природна средина и се пресели во простории на новиот Археолошки музеј, дел од политичкиот проект Скопје 2014.

Сега, зградата на Државниот архив се корне од внатре и се прилагодува за нова намена – Јавно обвинителство- Одделение за организиран криминал.

 

ar

Не случајно историчарите не можат да се помират со откинувањето на државните архивски материјали од јадрото. Државниот архив е градба со посебно изолирани депоа со целосна инсталација за одржување на влажноста на документите, што  е од исклучителна важност за зачувување на македонското национално богатство како што е документацијата за македонската држава. Документацијата се чува во хартиена форма, но и како микрофилмуван материјал со децении макотрпно истражуван од бројни еминентни научни и архивски работници.

Дополнително, архитектите предвиделе прекрасно светли канцеларии за вработените во Државниот архив на РМ бидејќи обработката на материјалите и нивното евидентирање е работа која бара остар вид, маски на лице за заштита од прашина и многу свеж воздух. И она што на истражувачите им е важно е одлично осмислената читална која беше полна со истражувачи, што е всушност и смислата на еден Државен архив.

 

%d0%b0%d1%80%d1%85%d0%b8%d0%b2%d0%b4%d1%80%d0%b6%d0%b0%d0%b2%d0%b5%d0%bd-%d0%b0%d1%80%d1%85%d0%b8%d0%b2

Во истата зграда се наоѓаат и канцелариите на вработените во Институтот за национална историја кои во секое време можеа да слезат во читалната на Државниот архив и да истражуваат. Истото се однесуваше и на научните работници од Институтот за македонски јазик,  од Институтот за македонска литература, како и  од кампусот на УКИМ. Впрочем во секоја држава факултетите и научните институции, поткрепени со архиви сочинуваат едно интелектуално јадро.

 

%d0%b4%d1%80%d0%b0%d0%b4%d0%b0

Не случајно и била направена оваа институција на ова место.

Но, тоа беше така се дури се водеше сметка за потребите на науката и историчарите.

Пред неколку месеци Проф. д-р Катерина Тодороска Научен советник во Институтот за национална историја му напиша отворено писмо на Јавниот обвинител Марко Зврлевски и побара од него да реагира соодветно заради заштита на повисоки државни и национални интереси.

,,Пред неколку години од така осмислена наменска зграда, Државниот архив на РМ го однесоа во чавкарница на 7-миот кат во зградата на Археолошкиот музеј крај Вардар. Првиот впечаток на секој од истражувачите, кои се помалку и помалку ги има во Државниот архив на РМ е дека тоа е страшно непрофесионално и неуко изведен простор за сместување на една толку важна државна институција како Државен архив. Во тој простор нема воздух бидејќи нема прозорци во канцелариите, нема дневна светлина, нема никави услови за работа”- напиша Тодороска.

,,Читалната е едно ќоше непримерно и смешно прилагодено за таа намена, -продолжи таа,без никаки услови за работа на еден истражувач. Тоа е нешто што го немам видено во ниту еден државен архив ниту во регионот, ниту подалеку, а верувајте ми, сум работела во многу.

И после прeселбата, документацијата се чуваше во старата наменска зграда до пред извесно време, но се разбира, повторно за задоволување на нечии хирови, ја пренесоа во мемла, вода до колена, или накусо, ја однесоа за да се уништи. Прашања безброј, одговор нема. И најпосле проблемот на кој се однесува ова мое писмо. Дниве се актуелизира пренаменувањето на одличната зграда наменски градена со сите нишани за Државен архив во простории за Јавно обвинителство Одделение за организиран криминал.

Верувам поради задоволување на нечии хирови ќе биде уништено нешто што секој друг бескрајно би го ценел и почитувал. Ама некој друг, но не и ние. Колку и да ви е смешно моето мислење, сепак ќе го напишам. Со заминувањето на Обвинителствата во зградата покрај Вардар во Апелациониот суд се ослободија сосема доволно канцеларии и простор за сместување на ова одделение кое е во моментов под Ваша ингеренција. А доколку имате потреба за нови канцеларии земете ги оние во кои сега е сместен Државниот архив на РМ. Таму недостасуваат само издлабени стихови по ѕидовите за просториите да се користат како беспрекорни ќелии”-го предупреди Тодороска за последиците од узурпирањето на наменската архивска зграда, но Зврлевски не одговори на писмото.

Копањата, прекопувањата и уништувањето на наменската стара зграда на Архивот е зло кон нашите предци, како и кон идните генерации, наши потомци, реагираат историчарите. Тие апелираа да се стопира лудата и опасна идеја за преселба на историското богатство создавано со векови.

Владатa имаше шанса да ги  заштити баскрајно богатите фондови на документи депонирани во оваа значајна институција, а кои се донесени во Македонија од архивите во Лондон, Вашингтон, Москва, Букурешт, Виена и каде уште не.

Во моментот кога започне уништувањето на наменската архивска зграда, започна политичкиот рулет со непроценливото историско богатство на Македонија-вековната архивска граѓа.

 

Емилија Лазаревска