Државниот празник за некои градилишта е работен ден

На државниот празник Осми Септември, кој е неработен ден за сите граѓани на РМ, за градежните работници на неколку градилишта кои ги забележавме претпладнето, е работен ден.

Се работеше на објектот од десна страна кога ќе го поминете мостот ,,Близнак“(Тодор Александров), потоа се работеше на објектот на хотел ,,Шератон„, кој се наоѓа од лева страна на истиот мост, но пред да преминете кон индустриската зона, се работеше и спротивно од реката Вардар, каде има ископ на песок, во близина на урнатиот објект на Фијат Цаноски-Космос.

 

Министерството за труд и социјална политика уште вчера објави дека , согласно со Законот за празниците на Република Македонија (,,Службен  весник на РМ,, бр.21/98 и 18/07), 8 септември 2017 година (петок), Денот на независноста е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија. 

Но, очигледно овој Закон не важи за многу градежни фирми, не само за овие примери кои ги регистриравме само на неколку стотина метри одалечени едни од други, туку доколку инспекциите се прошетаат по градежните објекти, ќе забележат многу повеќе случаи.

Сите фирми кои денеска ќе работат на работниците ќе треба да им исплатат празнична дневница, која е 50% повисока од регуларната. Некои од компаниите ги исплаќаат празничните  дневници, дел пак не ги исплаќаат, а трети прават манипулации со пресметките за плата. Со измените на Законот за работни односи во фебруари, 2013 година , се воведе обврска сите што ќе работат на празник тоа да мораат да го пријават.

Казните  се до 7 000 евра за сите кои не исплаќаат празнични дневници. Исто така, фирмите чиј процес на работа трпи прекин, односно не мора да има континуирана работа, како медиуми, дежурни служби и слично, мора да пријават дека ќе работат на празник.

Доколку е констатирано непочитување на законска одредба, работодавецот со решение се задолжува тоа да го стори во рок од 15 дена, во спротивно следуваат казни чии износи се од 6.000 до 7.000 евра во денарска противвредност.

 На терен за празници работат скоро сите од пекари па се до шопинг центри. Празничните дневници се тема за која никој не сака да зборува пред камера- но признаваат дека освен државните компании, ретко која приватна фирма исплаќа празнични дневници.

Во земјава се слават вкупно 27 државни и верски празници од кои 11 се неработни за сите граѓани.