ДУИ: Нема место за емоции, туку за историска одговорност

Демократска унија за интеграција одговори на соопштението на ВМРО ДПМНЕ. Тие сметаат дека партијата на Груевски реагира емотивно, наместо историски одговорно. ДУИ отсекогаш биле за транспарентно затворење на скандалот со прислушувањето преку целосно негово обелоденување, се вели во соопштението:

„Употребата на албанскиот јазик во согласност со Охридскиот Договор и Уставот, еднакво со македонскиот јазик, го прави општеството посилно, пообединето и постабилно заокружувајќи ги на тој начин нормативните обврски од Охридскиот мировен договор.

Владеењето на правото во земјата е обврска на сите политички партии и претставува предуслов за продолжување на евроатлантскиот пат.

Реформите во судството, транспарентноста и ревидирањето на спорните судски процеси се неопходна обврска за враќање на довербата на граѓаните кон системот.

Од почетокот на политичката криза во земјата, Демократската унија за интеграција инсистираше на транспаренто затворање на процесот преку целосно обелоденување на скандалот со масовното и незаконско прислушување и преземање на одговорност.

ДУИ останува посветена за едно кохезивно општество, еднакво и интегрирано во евроатлантската заедница и ги повикува страните да делуваат со историска одговорност кон процесите со кои се соочува земјата и регионот при што треба да прават рационални, а не емотивно поттикнати проценки“.