Европарламентарците очекуваат Иванов да ја деблокира кризата и во наредните две недели да се избере нов Премиер

Членовите на Европскиот парламент, Едвард Кукан од Европската народна партија, Кнут Флекенштајн од Социјалистичката партија и Иво Вајгл од Либералната партија, преку соопштение го повикаа Ѓорге Иванов да стави крај на политичката криза.

– Знаеме дека новиот спикер ќе го информира претседателот Иванов дека Парламентот би сакал тој да ја преиспита неговата позиција, односно да препознае дека на лидерот на мнозинството треба да му биде дозволено да формира Влада без понатамошно одложување. Очекуваме дека ова ќе доведе до избор на нов Премиер во следните две недели. Го повикуваме претседателот Иванов да ја почитува волјата на Парламентот и да престане да го опструира демократскиот пат и желбите на граѓаните кои сакаат да видат крај на кризата. Понатамошно одлагање на формирањето на нова влада ќе има неизбежни последици – порачуваат европарламетарците.

– Вклучени сме повеќе од две години, во име на Европскиот парламент, да овозможиме дијалог меѓу политичките лидери со цел да поддржиме демократски пат за излез од политичката криза. Го поздравуваме фактот дека парламентарната демократија, изразена преку мнозинството во Собранието, доведе до избор на нов спикер, господинот Талат Џафери. Ја изразуваме нашата поддршка и се надеваме и очекуваме дека новиот спикер во потполност ќе ги преземе неговите обврски во интерес на државата и на сите граѓани во Македонија – се наведува во соопштението.

Европарламентарците, исто така, потсетуваат дека силно ги осудиле нападите на пратениците во Собранието, нагласувајќи дека истрагата треба да ги идентификува извршителите кои треба да одговараат за инцидентите, а треба да биде одредена и политичка одговорност.

Тие додаваат дека неформирањето на влада во следните две недели ќе биде сметано за неуспех на политичките лидери, со што ќе предложат во Европскиот парламент, гласањето за извештајот за Македонија за 2016 година да биде одложено.