Европа во шок по победата на Трамп (реакции)

 

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, беше првиот што излезе со јавен коментар по поразот што Трамп и го нанесе на демократскиот кандидат Хилари Клинтон, а која беше фаворит на овие избори во САД. Првиот европарламентарец порача дека „Трамп треба со веродостојни политики и предлози да го реши стравот и вознемиреноста кај милиони Американци“.

– Гласачите во САД проговорија. Победата на Доналд Трамп е недвосмислена и мора да се почитува. Му честитам и  нему и на Републиканската партија . Господинот Трамп успеа да стане знаменосец на вознемиреност и страв окај милиони Американци. Оваа загриженост сега мора да се реши со веродостојни политики и предлози – порача Мартин Шулц.

Еден од ретките лидери на земјите од Европа кој искажа воодушевеност од победата на Трамп е унгарскиот премиер Виктор Орбан.Тој му честиташе на републиканскиот кандидат Доналд Трамп за изборната победа на претседателските избори во САД, порачувајќи дека демократијата е се уште жива.

– Колку прекрасни вести. Демократијата е се уште жива, објави Орбан на својот профил на Фејсбук.

Орбан во јули изјави дека плановите на Трамп за миграцијата и надворешната политика се од клучно значење за Унгарија.

Рускиот претседател Владимир Путин веднаш  му честитал на новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп, соопшти Кремљ.

Во пораката Путин изразил уверување дека дијалогот меѓу Москва и Вашингтон ќе биде во корист на двете земји.

Германските политичари утрово изразија шокираност уште пред да се објави победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. Светот влегува во фаза на голема неизвесност, рече висок функционер на конзервативната партија.

Висок функционер на германската конзервативна партија на канцеларката Ангела Меркел изјави дека владата во Берлин е несигурна што ќе стори Доналд Трамп по победата на претседателските избори во САД, пренесува ДВ.
„Сега сфаќаме дека немам поим што ќе стори овој американски претседател доколку гласот на бесот ја добие функцијата и доколку гласот на бесот стане најмоќниот човек на светот“, изјави Норберт Ретген, член на ЦДУ и претседавач на парламентарниот комитет за надворешна политика.
„Геополитички се наоѓаме во многу несигурна состојба“, додава тој.
Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен, за државната телевизија изјави дека неочекуваната победа на Трамп е „голем шок“.
„Се надевам дека Трамп е свесен оти ова не беше глас за него, туку повеќе глас против Вашингтон, против естаблишментот“, рече фон дер Лајен.
Министерката очекува дека Трамп ќе врши притисок за поголем германски ангажман во рамките на НАТО. „На тоа ние ќе одговориме со прашање: а каков е вашиот став за Алијансата?“