Европски пратеници бараат отпис на долгот на Грција

Пратеници во Европскиот парламент, социјалисти кои ја поддржуваат левичарската влада во Атина, ја повикаа Европската комисија да побрза со отпишувањето на долгот на Грција, наведувајќи дека секое одлагање може да има „разорни последици на нејзиното стопанство“.

Повеќе од 36 пратеници од редовите на владеачката Сириза и сојузничките, евросоцијалистички партии, му упатија писмо на комесарот на ЕУ за економски прашања Пјер Мосоковис.

Во писмото се повикува ЕУ да изврши притисок на финансиските институции и кредиторите, како би почнале преговори за нови услови за враќање на 315-те милијарди евра грчки долг. Тоа би подразбирало подолг рок и рамноправен рок на отплата.

„Долгото одлагање за почеток на конкретен и важен дијалог за отпишување на долгот може да ја уништи грчката економија“, се наведува, меѓу другото, во писмото.

Кредиторите сакаат да ги подобрат условите за отплатата, но главните заемодавачи во еврозоната, Германија и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) се спротиставуваат за евентуално смалување на грчкиот долг. Тие тврдат дека Грција веќе има поволни услови за отплата на кредитот.

Грчкиот министер за економија, Јоргос Статакис, рече дека без одредени олеснувања јавниот долг нема да биде одржлив следната година, дури и ако владата ги исполни амбициозните буџетски цели.