Едно зборуваат, друго прават

ДОСИЕ-ВМРО НП преку Ламбе Арнаудов, навидум безначаен лик на македонската политичка сцена

Во рок од шест месеци Ламбе Арнаудов кој се претставува како човек од политиката со 30 годишно искуство, даде две дијаметрално спротивни гледишта за улогата на малите партии.  На трибина организирана од Цивил на 4 април годинава, тој ги прекори присутните претставници на помалите политички партии дека со тоа што кружат околу поголемите партии го уназадуваат процесот на демократија.

 

 

Деновиве, шест месеци потоа, тој открива  дека не само што е ,,природно да бидат заедо со ВМРО ДПМНЕ “, туку и подолго време преговарале за вдомување на директорски места на нивни партиски кадри.

Дали преговарал и за себе, не знаеме, но извесно е дека тој како кадар на ВМРО ДПМНЕ ,  за злоупотреба на еден милион евра како директор на ЕСМ кога беше во државна сопственост,  беше осуден на  четири години затвор.

Во 2005 година тој заедно со Мирољуб Пандиловски и Владо Серафимов беа осудени секој по две години затвор за злоупотреба на службена положба. На Арнаудов му беше изречена  забрана за вршење професија или било каква должност во траење од 4 години. На осудените им беа запленети и автомобили, компјутери, дел од згради и пари.

Според пресудата,  Арнаудов делото  го сторил во 2002 година кога  ВМРО ДПМНЕ предводена од Љупчо Георгиевски се уште беше на власт. Тој како директор на ЕСМ потпишал договор со Државниот завод за геодетски работи за премер на целокупниот имот на ЕСМ, а извесно време потоа го поништил со изговор дека е спротивен со тендерот за јавни набавки. Подоцна пак потпишал нов договор, но сега со Серафимов. Пандиловски, иако знаел дека претходната фирма Блив со која беше раскинат договорот не ја извршила работата, сепак и префрлил 60 милиони денари со што го оштетиле буџетот на државата за еден милион евра.

По жалбата на обвинителството, Апелација во 2006 година му ја зголеми двојно казната на Арнаудов и го осуди на 4 години затвор. Тој беше недостапен за издржување на казната се до 2008 година. Исто така, Апелација им наложи на четворицата осудени солидарно да ја надоместат штетата од 20 милиони 925 илјади и 835 денари.

Поранешниот директор на ЕСМ, Ламбе Арнаудов, беше  20 месеци  недостапен за полицијата, но во 2008 година беше уапсен во неговиот дом во Охрид. Полицијата во 11 часот изутрината, по претходно распишана потерница, извршила проверка во неговата куќа, каде што е приведен и веднаш префрлен во затворот „Идризово“.

Тој требаше да се појави во „Идризово“ за издржување на казната на 30 ноември 2006 година. Кон почетокот на јануари 2007 година, откако стана јасно дека Арнаудов не планира сам да се појави во „Идризово“, Основниот суд Скопје 1 распиша потерница.

Во текот на 20 месечното барање, медиумите постојано известуваа дека тој повеќе пати бил виден на улиците на Скопје, но и во неговиот роден град Охрид.

Опозицијата исто така, во повеќе наврати ја критикуваше власта за селективност при апсењата, при што случајот со Ламбе Арнаудов беше посочуван како еден од најеклатантните примери. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, пак, изјавуваше дека МВР постапува исто по сите потерници и дека Арнаудов ќе биде приведен кога ќе се создадат услови за тоа.

Неполна година по престојот во Идризово, Претседателот Ѓорге Иванов го помилува и му ја намали казната за десет месеци. Со деновите поминати во притвор и со помилувањето, Ламбе Анаудов одлежа помалку од две години затвор за дело за кое беше осуден 4 години.

Оттогаш тој фигурира како член на ВМРО НП . На својот партиски лидер Љубчо Георгиевски му искажува безусловна лојалност, а неодамна го прогласи за ДНК на ВМРО и есенција на македонската независност, самостојност и демократија.

Заборавајќи што изјави во април, во октомври 2016 објави дека е природно да се фузираат со ВМРО ДПМНЕ. Ги оквалификува партиите од третиот политички блок како стока со многу ниска ценовна вредност, затоа што како такви се нуделе во преговорите со ДПМНЕ.

Не пропушти да ги обвини Заев и Шеќеринска за дволичност. Три месеци Заев не држеше во заложништво, пишува во своето обраќање до јавноста, и без трунка срам не отфрли, вели Арнаудов.

ВМРО НП пред неколку години на последните парламентарни избори беа во коалиција со СДСМ. За јавноста беше неприфатливо коалицирањето меѓу Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, некогаш лути ривали кои меѓусебно се обвинуваа за користење дрога или за лудило.

Оваа непринципиелна и неприродна коалиција беше поразена на избори во секоја смисла, и меѓу своите и од другите.

Една од првите работи што ги направи Зоран Заев кога го презеде кормилото на СДСМ е раскинувањето на соработката со ВМРО НП, а со тоа и со Љубчо,Ламбе,Балковски…..

 

Емилија Лазаревска

(во наредниот период Актуелно ќе работи на повеќе теми за ДОСИЕ, од политичари, партии до криминалните зделки како  Сведмилк на пример, кои некој сака да паднат во заборав-ќе се потрудиме да ја освежиме меморијата)