Експерти на ЕУ ќе и помагаат на македонската Влада во Акцискиот план за итни реформи

 

,,Многу е значајно да се работи на реформската Агенда и да се исполнат Итните реформски приоритети и ве уверувам дека веќе од утре ќе почнат да пристигнуваат првите експерти кои ќе ви помагаат на тој пат и и во овие активности. Ќе пристигне и господинот Прибе со неговата група на експерти кои ќе ви помагаат.

Повеќе пати беше нагласена важноста на Итните реформски приоритети и важноста на преземање реформи, меѓутоа реформите не треба да се спроведат само за да се задоволат високи официјални лица од Европската унија, Европската Комисија. Потребно е реформите да се спроведат за да се подобрат условите за живот на граѓаните“-изјави еврокомесарот Јоханес Хан на вчерашната прес конференција во Влада на РМ.


Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, кој вчера за првпат присуствуваше на владина седница, иако, како што рече, повеќепати доаѓал во Македонија, очекува да биде поканет и на некоја од наредните седници на македонската Влада. Хан смета дека само така може да се градат заеднички перспективи. Еврокомесарот е посебно задоволен од стартот на новата Влада и и чекорите за обновување на добрососедските односи:
,,Би сакал да ги пофалам позитивните чекори кои што ги направивте Вие и Вашиот министер за надворешни работи со Вашите колеги од Бугарија и Грција. Од суштинска важност одново  да се воспостават добрососедските односи.Повеќе пати сум бил во вашата земја, но прв пат присуствувам на седница на Влада и се надевам дека ќе има можност да присуствувам и на други седници на Владата, затоа што ако сакаме да ја постигнеме нашата заедничка цел ќе мора заедно да работиме“-рече Хан.

 

,, По вашата посета во Брисел, тука сум и можам да го посведочам оптимизмот и новата поволна клима во земјата. После сите настани кои ги посведочив во оваа земја, драго ми е што можам да видам една нова динамика во спроведувањето на активности, насочени кон постигнување на подобар живот за сите граѓани. Мојата порака за сите е  да се сконцентрираме на  задачите што претстојат. Сите одговорни актери, тука ги вклучувам и опозицијата и судството и сите релевантни институции кои треба да работат на создавање на модерно општество кое добро ќе функционира. Држава која ќе работи во интерес на сите граѓани без оглед на нивната припадност. Се надевам дека сите ќе одиграат позитивна, конструктивна улога и дека за разлика од минатото овој пат ќе имаме дебата која што ќе се води во рамките на институциите, односно во рамките на Собранието.

Јас ја поздравувам подготвеноста на Владата да работи заедно со опозицијата на прашања кои што се поврзани со интеграцијата на земјата во Европската унија. За ова прашање е потребен национален консензус и повторно ќе нагласам дека местото каде што треба да се води оваа дебата и каде што треба да се постигне таквиот консензус се институциите, односно Собранието-рече Хан.