ЕЛЕМ: ,,Трансмет“ уредно учествува на тендери и не може да биде исклучена

ЕЛЕМ соопшти дека фирмата ,,Трансмет“, до неодамна сопственост на Сеад Кочан, кој е под обвинение на СЈО; сега со променета сопственичка структура, не може да биде исклучена од натамошни учества во електронско наддавање за тендери, бидејќи има уредна достава и документација, а сметките не се блокирани.

,,АД ЕЛЕМ нема можност да го исклучи од понатамошно учество правното лице ,,ТРАНС МЕТ ДОО“, бидејќи структурата на сопственост е променета. АД ЕЛЕМ побара од наведеното лице и доказ дека неговата сметка не е блокирана, по што писмено беше известен дека сметката на компанијата не е блокирана. Со тоа на истата и дава законска можност да учествува на било кој државен тендер“, велат во писментото соопштение од ЕЛЕМ испратено денеска.

Понудата на ,,ТРАНС МЕТ ДОО“  е најниската досега дадена цена за ископ на јаглен и јаловина за потребите на РЕК Битола. Аукцијата се одржала на 25.08. 2017г., а во претквалификацијата учествувале 6 фирми, од кои 5 продолжиле во понатамошната постапка. Последната и најниска понуда од 44 денари дала фирмата ,,ТРАНС МЕТ ДОО,, Скопје.

Доколку по извршената проверка од страна на АД ЕЛЕМ се утврди дека аукцијата и целата постапка биле изведени регуларно и дека останува постигнатата цена од 44 денари за ГЈ, тоа ќе биде најниска досега постигната цена за ископ на јаглен за РЕК Битола, со оглед на тоа што за истата услуга во изминатите години биле плаќани и до 144 денари за ГЈ, велат од ЕЛЕМ.