ЕУ: Претседателот веднаш да определи лидер за нов мандатар

,,Забележавме дека се уште не е постигнат договор за формирање нова Влада и затоа ги повикуваме сите политички актери во земјата, вклучително и претседателот, да делуваат на смирен и конструктивен начин со целосна одговорност за решавање на сегашната состојба. Знаете дека земјата нема време за губење и во овој поглед очекуваме претседателот, според Уставот, да изврши итна отворена консултација со политичките сили во земјата и брзо да определи лидер за формирање на Влада, кој ќе може да најде заедничко тло за формирање на стабилна, солидна и одговорна коалиција. Ова денеска на прес-конференција во Европската комисија го соопшти портпаролката на неформалната Влада на ЕУ, Маја Коцијанчич.

Гласноговорничката на Еврокомисијата појасни уште еднаш кои се очекувањата на ЕУ во однос на тоа како тие би сакале да изгледа новата македонска Влада:

Како што кажавме претходно, таква коалиција треба да биде што е можно поширока и да се потпира на силен, инклузивен реформски консензус и меѓуетничка соработка. А, како што добро знаете, ние очекуваме од идната Влада и од сите политички сили во земјата да продолжат со имплементирање на договорот од Пржино и решавање на Итните реформски приоритети, бидејќи сето ова е витално за понатамошен прогрес на земјата на патот кон европските интеграции и ова е нешто на што сите политички партии се обврзаа, а и истото го очекуваат и граѓаните – додаде Коцијанчич.

МИА