Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски , на својот Фејсбук профил напиша дека нема да отстапи од намерата да го расчисти центарот на Скопје од диви препродавачи. Тоа е моја должност и јас морам да ги заштитам станарите на околните згради, кои тоа го побараа од мене,вели Жерновски:

,,Гледам дека се покрена дебата за тоа како било нечовечки да се отстранат дивите продавачи кај “Зелен пазар”. Први кои го коментираат ова се оние кои се залагаат за почитување на законите. Нели е контрадикторно да барате закон и ред, а да велите дека треба да ги оставиме нелегално да продаваат? Што е со луѓето кои плаќаат за тезгите, за нив фер ли е? Не се тие побогати од оние кои не плаќаат.
Но, тоа е само еден проблем. Сите кои вака мислат, нека повелат една недела на престој во становите и зградите околу пазарот. Се шири страшна реа од оставени и скапани производи околу зградите. Преспиваат таму и вршат нужда во подрумите и околу зградите. Зарази и болести се закана за сите, особено за децата, и јас сум должен да реагирам. Добија соодветна информација дека имаат една недела да го напуштат местото без да бидат казнети. Ниту сме сакале да ги казнуваме намерно, ниту тоа ќе го правиме. Јас сум прв за соработка со сите надлежни институции за да го решиме проблемот, да им се помогне и да им се обезбеди простор. Ќе ја поддржам секоја социјална мерка и идеја за решавање на проблемите на социјалните групи граѓани. Дотогаш, моја обврска и должност е да ги заштитам граѓаните на Центар кои живеат таму и за кои ова е ОГРОМЕН проблем“-напиша Жерновски.

Општина Центар најави дека нема веќе да толерира препродавање на диво и сива економија.