Жерновски: Груевски би влегол во нова ера со старото судство

 

Денеска повторно е одложено судењето за случајот со нарачаните шамари за градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски и демолирањето на општината во јули, 2013-та година. Овој пат не беа присутни двајца од обвинетите и дел од сведоците.

“Груевски би влегол во новата ера, но со старото судство, со неговото судство. Она што го најавив во неколку прилики е тоа што обрачот се стега. Денеска, конечно падна одлука наредниот пат да започне расправата, што значи дека повеќе нема бегање и тоа е добра вест“, изјави Жерновски.

Тој посочи дека и тој и останатите советници и вработени во општина Центар, очекуваат поради правдата во Р. Македонија да започне овој предмет и да заврши како што треба, а тоа е да бидат казнети сите кои го организирале нападот.

“Насилниците мора да одговараат и да завршат таму каде што им е местото“, изјави Жерновски.

Настанот се случи на 7 и на 10 јуни во 2013-та година, кога група така наречени верници упаднаа и ја демолираа општината, а од прислушуваните разговори, кои со одлука апелациониот суд ќе бидат докази во кривичната постапка, се слуша како што беше кажано на прес конференцијата на тогашната опозиција, како првообвинетиот Никола Груевски на Миле Јанакиески му бара да се организира инцидент и шамари за Андреј Жерновски.

Во случајот се обвинети 14 лица, од кои првообвинет е екс премиерот Никола Груевски. Случајот го отвори Специјалното јавно обвинителство.