Жерновски ќе разговара со угостителите од ,,Центар“ да не ги зголемуваат цените за време на Супер-купот

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, најави дека од утре(понеделник) ќе започне серија разговори со сите угостители од општина Центар, за да превенира можно зголемување на угостителските услуги за време на одржување на натпреварот меѓу Манчестер Јунајтед и Реал-Мадрид во Скопје.

,,Да бидеме на чисто- лошата реклама која Скопје и Македонија си ја направија со енормно високите цени на хотелите за време на Супер купот не ја поправаат ниту милионите евра потрошени за реклами на BBC и CNN. Нема да елаборирам за штетите кои се направени по угледот на земјата, бидејќи тоа на сите веќе им е јасно.

Од понеделник ги започнувам средбите со угостителите во Дебар Маало и од другите локации во Центар. Целта е да превенираме можен дополнителен срам со нови астрономски цени во рестораните, кафеаните и фан зоните. Супер купот е можност да го промовираме туризмот, гостопримството и угостителството во Скопје и Македонија, а не шанса за брзи пари кои ќе направат штета на долг рок.

Во вторник ќе остварам средба и со амбасадорот на Велика Британија, г. Чарлс Герет. Toj исто така ќе има можност да поразговара со угостителите и да се запознае со нашите планирани активности и настани предвидени за 7 и 8 август.
Општина Центар активно ќе се вклучи и ќе ја поддржи организацијата во фан зоните. Меѓу другото, ќе се координираме со сите институции околу безбедноста, сообраќајот и сите потребни активности за да се претставиме во најдобро светло.

Македонија мора да докаже дека е достојна за организација на вакви натпревари, што, пак, ќе ни донесе утре нова можност за да бидеме повторно домаќини на големи настани“-напиша Жерновски на својот ФБ профил..