Живко Митревски не го признава новиот претседател на ССМ, Централен регистар тврди дека постапиле законски

Поранешниот претседател на ССМ Живко Митревски не го признава новиот претседател на ССМ, Дарко Димовски. Тој ја обвини министерката за труд и социјала, Мила Царовска, дека направила упад во ССМ .

– Бевте сведоци на еден историски скандал каде што министерката Мила Царовска направи упад на насилен начин да го промени претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија, легитимно избран на 19. Конгрес и донесе решение со кое го поништува легитимитетот на над 100.000 луѓе што гласаа за претседател – рече на  прес-конференција Живко Митревски.

Митревски најави дека  ќе поднесе кривични пријави  против министерката Царовска и директорката на Централен регистар.

„Централниот регистар на Република Македонија постапува во рамките на своите надлежности предвидени во Законот за Централниот регистар и во согласност со член 13 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица.Имено, во регистарот на други правни лица, врз основа на решението број 08-8191/2 од 14.11.2016, донесено од министерот за труд и социјална политика Фросина Ременски, и решението број 08-8191/14 од 4.8.2017, донесено од министерот за труд и социјална политика Мила Царовска, се изврши евидентирање на промената на овластено лице за застапување на Сојузот на синдикатите на Македонија. Во согласност со член 190, став 1 од Законот за работните односи, синдикатите се запишуваат во регистарот на синдикати, кој се води во министерството надлежно за работите од областа на трудот. Според тоа, основен регистар за синдикатите е Министерството за труд и социјална политика. Централниот регистар на Република Македонија во согласност со член 13 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица обезбедува податоци определени во член 4 од истиот закон за субјектите за кои основниот регистар го води друг орган“-стои во соопштението на Централен регистар.

Фото:Макфакс