Живко Митревски се разбуди најавува протести и бара оставка од министерката Царовска

Живко Митревски кој долги години е претседател на ССМ и грчевито се бори за својата фотеља, најавува протести, но заради тоа што е на повидок негова смена од челната позиција. Тој досега нема направено ниту еден протест за работничките права.

На прес конференција рече:

,,ССМ како Репрезентативна синдикална организација за приватен и јавен сектор на ниво на Република Македонија и членка на меѓународните синдикати, сака да ја информира јавноста за уште еден обид за незаконска смена на раководството на ССМ и правењето на нов антисиндикален чин и историски скандал незапаметен во синдикалната историја во Европа и пошироко од страна на Министерката за труд и социјална политика од СДСМ Мила Царовска“.

Според него, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, со поништувањето на претходното Решение на Министерот за труд и социјална политика кршејќи ги  темелните Меѓународни конвенции посебно Конвенцијата 87 за слободата на синдикално организирање посебно член 2 и 3 во кои јасно се забранува мешање во синдикалното организирање и избори од страна на државната власт, се обидува да го смени и да назначи ново, послушно раководство.

Митрески смета дека новиот обид за промена на раководството на ССМ од страна на Министерката за труд Мила Царовска и од страна на партијата која што ја застапува е резултат на константниот притисок и уцени врз раководството на ССМ да биде пасифизирано и да не се бори за работничките права, а посебно да се пасифизира борбата за барање за повисоки плати и во јавниот сектор, плати за администрацијата , војската , полицијата, правосудството и другата администрација , борбата за Репрезентативен социјален дијалог и слични притисоци кои не им успеваат.