Жителите на поплавеното село Порој да достават барања за отштета

Земјоделците и земјоделските стопанства  од тетовското село Порој  чии ниви беа погодени од завчерашното невреме што поскоро да достават барања за отштета. За општинските власти пак да се обезбеди потребната механизација за расчистување на затрупаниот регионален пат Тетово-Јажинце кај Порој каде сообраќајот е во прекин три дена поради големите наноси од кал, земја и камења. Интензивно ќе продолжи да се работи и на изградба на привремен премин преку реката  откако од двата моста низ Порој едниот беше целосно уништен, а другиот е оштетен.

Ова го истакнаа при денешниот увид на состојбата на терен министрите за земјоделството, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за транспорт и врски Горан Сугарески, за економија Крешник Бектеши и министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Рамиз Мерко придружувани од градоначалничката на општина Тетово.

Околу 50 хектари земјоделско земјиште на жителите од Порој  засеано со житни, градинарски и овошни култури има претрпено штети при последното невреме, покажува извештајот на Комисијата од подрачната единица на Министерството за земјоделие од Тетово која, потенцираше Николовски, за неколку часа по формирањето ја заврши оваа своја обврска.

-Ги повикувам сите регистрирани но и неригистрирани земјоделци и земјоделски стопанства што поскоро да ги поднесат нивните барања за отштета до подрачната единица тука во Тетово за потоа да ги доставиме до нашиот сектор за анализи и до Бирото за судско вештачење од каде согласно процедурата овие одобрени барања треба да бидат доставени до Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството за исплата на определените средства. Ова се само првични проценки и сакаме што побрзо да им помогнеме на погодените земјоделци, рече Николовски.

Министерот за транспорт Сугарески напомена дека е воспоставена комуникација и соработка со општинските претставници за тоа што е најпотребно во поглед на потребната градежна и друга механизација за што побрзо отстранување на наносите од кал и камења од патот и оспособување на оваа важна сообраќајница за нормално одвивање на сообраќајот во тетовско на овој потег. Заедно со другите присутни на увидот не можеа да определат временска рамка за тоа кога се очекува одблокирање на патот кај Порој.

Градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи најави интензивирање на работите за нормализирање на животот во Порој.

– Сега најитно работиме на изградба на привремен премин преку реката откако од двата моста низ Порој едниот беше целосно уништен, а другиот е оштетен. Се надеваме на поддршка од државата за повторно да оспособиме соодветно минување на реката низ селото како и расчистување на наносите што оневозможуваат во едно маало од село жителите со возила да имаат пристап до нивните домови. Од вчера екипи на ЈКП Тетово работат на решавање на проблемот со водоводот бидејќи дел од селото нема вода низ чешмите,а во другиот дел таа не е употреблива. Ние ја следиме состојбата и секојдневно се обидуваме да реагираме за разрешување на проблемите што постојат, изјави Арифи.

Претседателот на месната заедница во Порој Сулејман Рамадани вели дека очекуваат посетите на претставниците на институциите конечно да вродат со плод и да се деблокира патниот правец како и улицата во селото но и да се помогне во отстранувањето на наносите од нивите на жителите и решавање на проблемот со водоснабдување во селото.