Загриженост заради руски ракети на Балтикот

Естонија и Полска изразија денес загриженост поради одлуката на Русија да ги премести балистичките ракети „Искандер“, кои можат да носат нуклеарни боеви глави, во Калининградската област на Балтичко море.

Москва соопшти дека ракетите се разместуваат во рамки на редовни воени маневри во Калининград.

„Мене ми изгледа дека ова е уште еден чекор во општиот контекст на ескалацијата која ја гледаме, барем во реториката“, изјавил претседателот на Естонија, Томас Хендрик Илвес, пренесува естонската телевизија ЕРР.

raketi-1

Началникот на генералштабот на естонските одбранбени сили, генерал потполковникот Риухо Терас, изјавил дека тоа е дел од широкиот обид на Русија да доминира со Балтичкото море.

„Долгорочно гледано, Русија сака Балтичкото море и сите пристапи до него се повеќе да ги стави под своја контрола и да го контролира како што го контролира Црно море“, изјавил Терас.

Полскиот министер за одбрана, Антони Мачеревич, изјавил дека Варшава смета дека таквиот потег е за „најголема загриженост“ и дека ја следи ситуацијата.

kaliningrad

Калининградската област, руска енклава сместена меѓу Полска и Литванија, членка на НАТО, е од големо стратешко значење за Русија. Оддалечена е од Русија 700 километри и претставува нејзин најзападен дел.

Тука се наоѓа руската балтичка флота, има копнени сили, борбени авиони, бомбардери и хеликоптери, радари и друга воена опрема.

raketi-2

Ракетите „Искандер“ имаат домет од најмалку 500 километри и можат да носат конвенционални или нуклеарни боеви глави.