Премиерот Зоран Заев на вчерашната дебатна емисија на јавниот сервис МТВ, во која претставници на неколку електронски медиуми поставуваа прашања, рече дека имало барање за амнестија од врхушката на власт во периодот од две и пол годишното траење на политичката криза.

„Во периодот од две и пол годишното траење на политичката криза, да, имаше отворени разговори за амнестија на врхушката на власта. Нормално, нема договор“, одговори Премиерот Зоран Заев на прашањето дали имало барања за амнестија од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски.

Заев потенцираше дека правната држава и законот мора да важат подеднакво за сите.

„Убеденоста дека правната држава и законот мора да важи за сите, на крајот ја гарантира и оваа лузна која најверојатно ќе ја носам до крајот на мојот живот. Законот има да важи еднакво за сите. Па ако сака нека е мојот прв соработник, или мојот прв член на семејството кој е до мене“, рече Заев.

Состојбата која ја затекнавме во буџетот е далеку од сјајна,рече Заев. Во Буџетот нема 130 милиони евра туку само 6 милиони евра, рече Заев.

– Јавниот долг го поминал плафонот од 50 отсто од БДП, има многу непотребни трошоци. Има скриен долг кој е поголем од една милијарда евра. Ова се само делумни информации, министерот за финансии ќе излезе и ќе каже кога ќе ја добие целата слика – рече Заев.

Сепак, рече Премиерот, државата ќе има доволно средства да ги оствари сите нејзини обврски кон потребите на граѓаните и да ја спроведе програмата на Владата.

Немаме намера да ги трошиме парите на граѓаните за уривање на спомениците од „Скопје 2014“, но сакам барем една фасада да „соблечам“, рече Заев.

–  Тоа се само желби на човек, но немам намера да трошам пари за уривање и за дислоцирање на споменици, за отстранување на врбите. Го ветив бројчаникот кој ќе врти при секоја украдена пара и тој ќе биде поставен кога ќе ја има првата правосилна пресуда дека се потрошени пари на криминален начин пари – рече Заев.

На прашањето, која ќе биде судбината на скапиот „мерцедес“, Заев рече дека нема намера тој да се вози во него, ниту пак, кој и да е министер.

– Набавната цена на „мерецедесот“ е 580.00 евра, ако го продадеме, нема да му земеме повеќе од 440.000 евра. Најверојатно ќе го користиме само за високи, меѓународни делегации. Тој е оставен во гаража, уништен, изгребан од мачки. Се надевам дека наскоро министерот за внатрешни работи ќе ги повика новинарите и ќе им покаже во каква состојба се наоѓа ова прескапо возило – рече Премиерот.

На прашањето, што ќе испорача новата Влада во првите сто дена, Заев рече дека ќе испорачаат слобода и олеснување на семејниот буџет.

– Станува збор за 30 закони, некои со инпакт веднаш, а дел ќе се реализираат со пари од новиот буџет – истакна тој.

Заев речедека ќе ги продолжи сите добри капитални инвестиции од старата Влада, истакнувајќи дека секако ќе продолжи изградбата на двата големи автопати.

Во дебатата со новинарите на МТВ, премиерот Зоран Заев, прашан дали е точно дека Артан Груби е можно да биде прв човек на УБК, а Зоран Верушевски да дојде на чело на БЈБ, одби да зборува за имиња и да каже кој се во моментот е потенцијален кандидат за овие високи функции во МВР.

Тој рече дека во тек е дебата дали на овие позиции треба да дојдат политички фигури или пак, професионалци од службата.

– На крајот се надевам дека ќе претежне втората опција. Има приврзеници на тоа дека УБК треба да ја води Албанец, има и такви кои сметаат дека професионалци од службата, експерти, без црна дамка треба да дојдат на овие функции. Јас сум припадник на групата во дебата која смета дека тоа треба да бидат професионалци, посебно во УБК – рече Заев.