Заев:Да повикаме на помирување на минатото и сегашноста во име на иднината

Премиерите на Република Македонија Зоран Заев и на Република Бугарија Бојко Борисов, положија заеднички венец на гробот на македонскиот револуционер Гоце делчев во црквата Св.Спас во Скопје.

Претходно, свое обраќање имаше македонскиот Премиер.Тој рече:

,,Упатувам апел за максимална сериозност и ангажираност од сите политички субјекти во државата и од институциите. Ова е заедничка иницијатива и акција. Денеска кога правиме исчекор за новата приказна за РМ во периодот по најголемата политичка криза по осамостојувањето, повикувам да го искористиме поводот, денот на македонската државност, двојниот Илинден, повикувам на помирување на минатото и сегашноста во име на иднината“-рече Премиерот Зоран Заев во своето обраќање од дворот на црквата Св.Спас во Скопје, пред гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, каде се одржа заедничка прослава на Илинден меѓу Македонија и Бугарија.

,,Пред споменикот на великанот Гоце Делчев, пред сегашните и идните генерации, изразувам одлучна верба за јасна иднина. Има иднина за секого во оваа наша Македонија.За развој се потребни доброволно подадени раце на граѓани и народи кои се потпираат и здружуваат, за подобра иднина за сите.

Со чист образ може да изговориме дека и нашите генерации се бореа за правда,за слобода и за човечки животи.Нашите генерации ја бранеа и одбранија слободната иднина. И тргнати сме натаму, за посветла иднина. Успехот не е на еден човек или политичка група. Успехот е заеднички , на сите.

Македонија најсигурно ќе ја чуваме сите заедно. Тој збор -ЗАЕДНО – е најсилната гаранција за иднината на нашата Македонија.

Денес, треба сите заедно да покажеме одговорност кон себе и светот. Одговорноста денес, значи храброст и одлучност да се гледа напред.

Нашата стратешка цел се НАТО и ЕУ. Подадовме раце не само внатре и кон надвор. И еве, има одговор. Има раце кои се испружија кон нас.

Заедно ја испраќаме пораката. Регионот е подготвен да води политики на зрелост и мудрост.Регионот се однесува европски и заслужува шанса да ја добие шансата да се развива во европското и евроатлантското семејство“-рече премиерот Зоран Заев на заедничката македонско-бугарска прослава на Денот на Републиката во Скопје.