Заев:Отворен е патот за полноправно членство на Македонија во НАТО

,,Навистина е големо задоволството кога ќе ја видите нашата армија, својата армија, како учествува со Армијата на Соединетите Американски Држави, на вежбовни активности кои што навистина се имплементираат насекаде во светот. Каде што нашите војници заедно со војниците на САД и војниците од земјите на Европската унија, се грижат за севкупниот мир во светот и, во исто време, го чуваат толку тоа што е драгоцено како што е природата.

Мене ми е посебно задоволство што војниците, вака учествувајќи во заеднички вежби, го отвораат и патот, на нашата Република Македонија кон полноправното членство во НАТО. Јас сум горд заради тоа што, рамо до рамо, со добро истренирани војници од американската армија можат да ги спроведуваат сите активности.

Криволак е навистина едно прекрасно место каде што можеме во иднина да развиваме инфраструктура за тренинг на нашите војници, кои што, како што знаете, учествуваат во мисиите на НАТО. Владата и Парламентот заеднички размислуваат за унапредување на буџетот на Република Македонија за да се усоврши интероперабилноста на нашата армија која што е важна прво за нас, но и за нашата севкупна подготвеност во мисиите во кои учествува АРМ насекаде во светот.

Ова што можевме денеска да го видиме, овие два типа на вежбовни активности, ме прават горд што имаме армија која што може да се носи рамо до рамо со професионалците од армијата на Соединетите Американски Држави-рече Премиерот Заев на отворање на заедничката американско-македонска воена вежба на Криволак.

Премиерот на Република Македонија Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и делегација на мисијата на НАТО во Република Македонија, придружувани од амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, денеска на Криволак извршија увид во вежбовните активности на заедничката воена вежба на Армијата на Република Македонија и вооружените сили на САД, насловена како „Драгун Гардијан 17“.