Заев: Граѓаните на референдум ќе го имаат крајниот збор за името на нашата земја(видео)

,,Важно е да се гради довербата помеѓу двете страни во функција и за решавање на проблемот. Мене ми е драго што се разглобени во суштина сите отворени прашања. Ако тргнеме од некои седум позиции кои што беа појдовни точки на разговорите, знам дека тоа е веќе намалено на четири позиции. Три се отстранети. Јас верувам дека со политиката на новата Влада многу брзо ќе можат да се отклонат и другите позиции. Но, уште еднаш , да потврдам и да потенцирам, Република Македонија сака решение, правиме буквално се, се обидуваме да градиме внатрешен консензус, во државата, во функција на изнаоѓање на конечно решение и навистина сме оптимисти во изнаоѓање на решението. Секако, се испорачуваат одредени пораки од нашиот партнер од другата страна, од грчката страна, за одредени линии, црвени линии, плави линии и слично. Јас верувам дека треба да изнајдеме решение за доброто на граѓаните на двете земји“-изјави премиерот Зоран Заев во однос на преговорите за името.

,,Не очекувавме ние премногу. Пред сè, има образложување на суштините на позициите на двете страни, со обид на меѓусебно разбирање. Медијаторот Нимиц го води процесот, тој ги знае во суштина работите кои што можат да поминат, или кои што не можат да поминат кај едната и кај другата страна.
Ако бидеме навистина оптимисти во овој процес, ако навистина искрено сакаме и посакуваме да се изнајде решение, тоа е можно, процесот има временски период пред себе.

Јас не ги коментирам деталите, заради тоа што ќе излезе дека преговараме преку медиумите. Но, реков: Достоинството е многу важно. Идентитетот е многу важен. Од тука отприлика и кажуваме сè. Да му дадеме шанса на преговарачкиот процес, а да не влегуваме во деталите во самите точки, од проста причина што вреди да му се даде шанса на овој процес да се дојде до решение. Ако ги коментираме сите детали внатре, навистина тоа е болно, невозможно да го донесе конечното решение. И од тој аспект, мислам дека знаат и граѓаните кои се нашите ставови и во поглед на ова и во поглед на другите прашања. Но, да бидеме внимателни за да му дадеме шанса на процесот кон решение.

Медиуми: Што значи прифатлива географска одредница?

Премиерот Заев: Знаете дека се спомнуваат неколку имиња. Тоа значи дека за нас е прифатливо име со географска одредница, односно ги отстрануваме сите други, кои беа, со временска одредница, или некои други укажувања кои доаѓаа како предлози.

Медиуми: Има најава за средба во Софија?

Премиерот Заев: Да, таму ќе има средба по друг повод. Министерот за надворешни работи ќе биде таму, каде што нема да се преговара сигурно. Преговарачкиот процес беше вчера, од тука ќе се извлече сублимат и веднаш ќе се закаже следна средба за преговорите.

Јас верувам дека ќе бидеме прагматични. Двете страни. Заради тоа што политичарите може да преговараат што сакаат. Јас сум само Зоран Заев, од другата страна е Алексис Ципрас, или од наша страна е Никола Димитров, од другата страна е Никос Коѕијас. На крајот, институциите се тие што носат одлуки и решенија, а на крајот како што знаете граѓаните на референдум ќе го потврдат тоа. Дај Боже, да дојдеме до решение да можеме да излеземе на референдум.“-рече Заев.