Заев даде изјава во обвинителство за настаните во Собрание на 27 април

Шест пратеници на ВМРО ДПМНЕ учествувале директно или индиректно во настаните и насилството во Собрание на 27 април.

Според Зоран Заев кој беше директно физички нападнат, двајца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ учествуваа во отстранувањето на челичните сигурносни профили од влезните врати, а четворица давале директни патокази како да се оди до прес салата каде што беа пратеници од парламентарното мнозинство. Ова  тој го кажал пред обвинителите, а како што рече, го зборува врз основа на лесно видливи и воочливи докази.

– Денеска сум во Јавното обвинителство како оштетена страна, еден од тие кои беа под директен напад од толпа народ, издвоена група која имаше намера да направи убиство и тоа беше очигледно со добар план и умисла. Дадов исказ пред јавниот обвинител, ги кажав сите детали кои ги имам во сеќавањето по оние повеќе од 2 и пол часа тероризирање што се случија во прес салата на Собранието на Република Макеодонија. Верувам дека тоа ќе помогне во расчистување на случајот од страна на Јавното обвинителство. Оставам професионалците да го утврдат  за какво дело ќе ги товарат напаѓачите. Јас го кажувам мојот впечаток со сите детали како тоа беше организирано, како беше осмислено, оркестрирано и како во суштина експликацијата на дејствата се случуваше. Удирањето со сталаците на вашите камери, мавањето со сите железни предмети од инвентарот, дрвените предмети, фрлањето на гајтаните од опремата со цел да бидеме фатени за врат, за екстремитетите веројатно, извлечени или удавени, сето тоа го кажуваме, а стручните луѓе се тие кои треба да му дадат квалификација на делото-рече Заев.