Заев за српски Курир: Апсолутна лага е дека Србите ќе ги обвиниме за геноцид врз Албанците

Претседателот на СДСМ  Зоран Заев го демантира пишувањето на некои македонски медиуми, дека со  ДУИ договорил Србите да се прогласат виновни за геноцид над албанскиот народ во Македонија во периодот од 1912 до 1956 година. Тој во ексклузивна изјава за српски Курир вели:

– Оваа вест не е точна и покажува лоша намера на булументата што ја финансира поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Ги добив потписите за формирање влада и се надевам дека таа работа ќе ја завршиме за десетина дена, а Груевски чувствува дека ја губи власта и сака да предизвика судири со нашиот братски народ во Србија- вели Заев во интервју за Курир.

Тој порачува дека е доста од лажниот патриотизам со кој го прикриваат грабежот на народот. Заев вели дека тоа е „криминална банда која сака да се спаси себеси од одговорност пред правосудниот систем во Македонија“.

– Во овој момент тие се подготвени да нè скараат со братскиот народ во Србија- нагласува Заев.

Во врска со доставувањето на потписите потребни за добивање мандат за составување на влада, Заев вели дека утре ќе му ги достави 67-те потписи на претседателот Иванов и се надева дека новата влада ќе биде брзо формирана.

– Изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан, да ми биде даден мандат за состав на нова Влада, е една од причините за покренување на оваа валкана кампања. Груевски знае дека не може да го избегне тоа што ќе се случи во Македонија. Ветувам, односите со Србија ќе бидат подобрени. Груевски долго беше на чело на државата и соработката е на најниско ниво, а нашите народи се поврзани – изјави Заев за  српски Курир.