Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за земјоделство, Љупчо Николовски и советничката за земјоделство, Ленче Николовска и други, денеска во Кавадарци присуствуваше на одбележувањето на празникот на лозарите и винарите, Св. Трифун, информира прес службата на владата.

Премиерот Заев во Кавадарци, заедно со Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, и со претставници на дипломатскиот кор, им го честитаа празникот на граѓаните од Кавадарци.

При посетата на Кавадарци, премиерот Заев оствари средба со присутните граѓани на централниот плоштад во Кавадарци.

По повод денешниот празник Претседателот на Владата на РМ го посети и Неготино, каде што беше пречекан од градоначалникот Тони Делков.

За време на посетата на Неготино, премиерот Заев, министерот Николовски и градоначалникот Делков, остварија средба со присутните граѓани на градскиот плоштад, и во изјавата за медиумите порача дека со посебно внимание се решаваат проблемите на лозарите, дека се води грижа за навремено исплаќање на субвенциите и тоа дека во тек се и разговори со винариите и откупувачите за откупот на годинешната реколта.

– Среќен сум што можам да објавам, на стартот на сезоната, дека субвенциите се исплатени. Веќе почнавме разговори со винарниците и откупувачите за да може да обезбедиме колку може поповолна цена за производителите. Убеден сум дека со новите мерки што ги прави Владата, посебно за стимулирање на нови насади, отварањето на нови пласмани и со освојувањето нови пазари, цените на грозјето ќе растат. Сакам граѓаните да знаат дека Владата осветено работи во обезбедувањето на сигурниот пласман, но секако ќе бидеме и нивен партнер во преговорите за откупните цени – изјави Претседателот на Владата на Република Македонија Заев.

Министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство, Љупчо Николоски, во изјава дадена за медиумите ги информираше лозарите за новите мерки во програмата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.

– Оваа година со програмата предвидуваме зголемување на субвенциите за сите лозари кои имаат помеѓу 1 и 10 хектари под лозови насади. Нашата интенција како политика ќе биде да ги стимулираме да го модернизираат производството, и да даваме уште поголема поддршка на категоријата на земјоделци кои што навистина може да го донесат развојот – рече министерот Николовски во изјава за медиумите.

Во текот на денот Премиерот Заев ќе ги посети и винариите Лепово, на локалитетот Црвени Брегови, винарницата Попова Кула и винарницата Кралица Марија во Демир Капија, каде ќе учествува на хуманитарна акција, и на традиционалното закројување на лозјето,соопшти владата.