Кандидатот за градоначалник на Прилеп, Илија Јовановски, заедно со лидерот  на СДСМ, Зоран Заев, учествуваа на отворена дебата со граѓаните на Прилеп, во центарот на Прилеп,  којашто беше пренесувана во живо и на официјалните интернет и ФБ страници на СДСМ.

Јовановски зборуваше кусо за својот претходник, но потоа рече дека нема намера да го губи времето со него, туку дека на присутните ќе им ја понуди неговата визија за Прилеп. Тој на почеток им вети на прилепчани дека до крајот на неговиот мандат градот ќе биде гасифициран по примерот на Струмица.

На младите им вети функционалност на салата ,,Македонија“, но и затворен базен за две години.

Јовановски вети две нови градинки, во кои ќе бидат згрижени сите деца, без претходна ургенција, како што било досега.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пречекан со аплауз и овации од присутните, најави дека ова е доказ дека сега слободата е на сцена. Како што рече, на отворено, среде Прилеп, сме собрани и разговараме. Тој најави дека ова е почеток на редовните Општински дебати, кои во иднина, оваа партија ќе ги организира насекаде низ Македонија.

Во Прилеп знам што ќе се случи, заврши 12 годишното владеење на Марјан Ристески, доста е, што е многу многу е -рече Заев. Убаво ќе биде да се повлече и пред 15 октомври, за да не изгуби-рече Зоран Заев.