Премиерот Зоран Заев, денеска се сретна со Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, во рамките на официјалната посета на владината делегација на Република Македонија на оваа земја.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, му честитатеш на претседателот Пахор на победата на тукушто завршените избори и на неговиот нов мандат како Претседател на Република Словенија, и му пренесе честитки и во името на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Премиерот Заев, во придружба на членовите на владината делегација во чиј состав беа и заменикот претседател на владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски, истакна дека е уверен дека и во новиот мандат претседателот Пахор ќе ја продолжи својата искрена определба постојано да ја поддржува Република Македонија на меѓународен план, како што тоа беше и досега.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, го информираше претседателот Пахор за прашањата за кои тој покажа особен интерес како што се реформските процеси и соработката на владината коалиција во Република Македонија со опозицјата, за добрососедските односи, како и за прашањето на евро-атлантските процеси на нашата земја.