Премиерот Зоран Заев, во рамки на официјалната посета на Р Словенија, одговарајќи на новинарско прашање најави дека започнува процесот на решавање на прашањето за името со Грција:

„Ова е навистина актуелно прашање и во Македонија. Логично беше по завршувањето на локалните избори, да се направи нов обид за решавање на овој суштествен или чувствителен проблем, којшто го има Република Грција со нашето уставно име, а  е истовремено пречка за нашите интегративни процеси. Процесите веќе почнуваат, на 20 или 21 Ноември очекуваме да се направи првата средба помеѓу преговарачите од двете земји, со медијаторот Метју Нимиц.

Во ноември очекуваме тие преговори да се интензивираат.

Ние во Македонија се обидуваме да изградиме национален консензус, сите, Претседателот на државата, Владата, опозицијата, но во функција на наоѓање решение, а не на негово одложување.

Навистина градиме пријателски односи и со Република Грција. И во ваква пријателска атмосфера, јас верувам лично, искрено, верувам дека може да се најде решение и на ова горливо прашање.

Македонија влегува во обид кој што се надевам дека ќе биде последен, со конечна цел, решавање на проблемот кој што Грција го има со нашето уставно име“-рече Заев.