Заев: На 11 декември ќе има фер избори

Лидерот на СДСМ Зоран Заев при денешната посета на Кавадарци и средбата со лозарите, одговараше и на новинарски прашања, меѓу кои и дали ќе има избори на 11 декември и дали Уставен ќе одлучува за СЈО.

Заев повтори дека е убеден оти на 11 декември ќе има фер, регуларни и демократски избори.

-„Ќе сторам се, како еден од важните фактори во Република Македонија, јас, мојата партија и целата опозиција, изборите да бидат слободни. Граѓаните на регуларен, фер и демократски начин слободно да ја изразат својата волја и тие ќе ја проектираат иднината на Република Македонија. Впрочем јас сум и убеден дека промените ќе се случат. Промените се здрави, тие се добредојдени и треба да се случат. Но и дотогаш, а и после тоа, останува ние заедно да ја градиме оваа наша земја и да ги решаваме проблемите. Во тоа име уште еднаш испраќам порака, да не се дрзне под политички притисок било кој, а така и Уставниот суд, да го укинува Специјалното јавно обвинителство. Тоа е трошката надеж за враќање на правдата во Република Македонија“ рече Заев.

Тој рече дека не може однапред да се тврди дали некој е виновен или не, СЈО е институција која е дел од правосудниот систем и остварува постапки кои завршуваат со обвинителни акти или со отфрлање на кривични пријави и индикации.

– „Треба да се остави таа институција да работи заради тоа што тоа е начин како да се врати правдата во Република Македонија. Денеска сме 27, до 12 октомври работи парламентот, нема закажано седница на Уставниот суд каде ќе се разгледува ваквата иницијатива. За мене тоа значи испраќање на порака од Уставниот суд дека тие немаат намера до изборите да ја разгледуваат иницијативата за уставноста, што е добро решение, заради тоа што, ако има нешто неуставно од законот или нешто кое Уставниот суд треба да го разгледува, чесно е тоа да се случи веднаш по изборите. Инаку тоа би било удар врз Специјалното јавно обвинителство и сериозна закана за сите во Република Македонија. Граѓаните ќе реагираат и верувам дека никој тоа не може да го контролира“,смета Заев.

На прашањето како го коментира нападот врз судот од страна на учесниците во Шарената револуција, Заев изјави дека независните институции треба да бидат оставени независни, иако македонското правосудство е целосно покриено од извршната власт.

-„Јас верувам дека гневот и револтот кои постојат кај граѓаните се причина да се фрлаат бои и да се напаѓа некоја институција која е сопственост на сите граѓани на Република Македонија. Дел од граѓаните сакале да дадат на знаење дека не е во ред од сите овие предмети на Специјалното јавно обвинителство, да биде одреден само еден домашен притвор кој е и укинат. Од сите предмети кои власта или државното јавно обвинителство ги проследило, некаде се спомнува бројка од 711, имаме 707 притвори,значи тоа е повеќе од 99 проценти,што само по себе и предизвикува гнев кај граѓаните ,па верувам дека тоа е и причината да се фрлаат бои врз Основниот суд Скопје” изјави лидерот на СДСМ.

Билјана Н. Тошевски